Анкета: ВМРО-ДПМНЕ со рејтинг од 17 отсто, СДСМ со 12 проценти

На прашањето „Доколку изборите се одржат следната недела за која партија би гласате?“ повеќе од половина од испитаниците одговорија дека не би гласале или дека не знаат за кого би гласале, покажува последното истражување подготвено во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, што ја спроведуваат Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), Центар за управување со промени (ЦУП), со финансиска поддршка од Владата на Швајцарија.

-За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 17 отсто од испитаниците, за СДСМ 12 проценти, ДУИ доби поддршка од 8 отсто од анектираните граѓани, 4 проценти изјавија дека би гласале за Левица, 3 отсто за Алијанса за Албанците, додека 1 процент поддршка доби Движењето Беса, се наведува во информацијата.

Теренската анкета е спроведена во периодот 22 февруари – 9 март 2023 година со примерок од 1.002 испитаници над 18-годишна возраст на целата територија на државата, преку методот лице в лице.

На скалата од 1 до 10 највисока доверба меѓу граѓаните имаат верските заедници (5.1), војската (5.1) и полицијата (4.3).

Во однос на најважните институции во политичкиот систем, Претседателот на државата има највисока доверба – 3.6, додека најниска оценка доби судството со 2.7. Собранието (3.4) и Владата (3.3) беа оценети речиси исто. Граѓаните имаат ниска доверба и во јавното обвинителство (2.7) и во политичките партии (3.0).

Истражувањето покажува дека повеќе од две третини сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока (69 проценти), додека најпесимистички настроени се жителите од Вардарскиот регион (80 отсто). Перцепцијата на доминантен дел од анкетираните граѓани (79%) е дека пратениците се целосно или делумно зависни од волјата на лидерите на политичките партии од кои доаѓаат. Според учесниците на фокус-групите постои „строга партиска хиерархија каде што повисоките елити се договараат, а другите спроведуваат“. Малку повеќе од половина од испитаниците (52 проценти) се согласуваат дека промената на изборниот модел може да придонесе кон намалување на зависноста на пратениците од партиските лидери.

Претходна вестАнкета: За Македонците Србија е најпријателска земја
Следна вестСилното невреме ги направи реки велешките улици