Антикорупционерите бараат одговорност од Таравари, тој вели дека сакaат да го дискредитираат

Кривична одговорност од гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари ќе побара Државната комисија за спречување на корупцијата заради тоа што три години толерирал дивоградба. Од Антикорупциската комисија соопштија дека иако подолго од три години било утврдено дека во Гостивар, близу противпожарната станица, се гради објект надвор од ДУП-от, градоначалникот Арбен Таравари и надлежниот градежен инспектор во општината не сториле ништо да ја спречат градбата. Тоа е и причина за покренување на иницијатива за кривично гонење на двајцата, поради непостапување.

-Општината не извршила уривање на нелегалниот дел од објектот правдајќи се дека на тендер не успеале да изберат фирма за уривање на дивоградби. Поради недоставување на информација, надлежните во општината добија и прекршочни казни од ДКСК, реферираше членот на ДКСК Шемси Салаи.

Тој додаде дека покрај иницијативата за кривично гонење на општинските надлежни лица, до Советот на јавни обвинители ќе се упати барање за одговорност на јавниот обвинител Арсим Адеми, затоа што „предметот го чувал во фиока“ три години, наместо да ја заврши истрагата.

Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари, пак, на прес- конференција ги отфрли обвинувањата околу неговата вмешаност во случај за дивоградба. Тој оценува дека станува збор за неосновано обвинување кое содржи политички притисок од партии кои се на власт.

– Ова е класичен обид за лична дискредитација. Претходно се обидуваа со контроли на финансиската полиција да најдат незаконитости, но не успеаја, па сега преку ДКСК сакаат истото да го прават. Ме обвинуваат дека три години сум држел во фиока предмет и не сум постапувал по него. Тоа не е точно, бидејќи постапувано е по тој предмет во повеќе наврати. На ваков начин се пресметуваат политичките неистомисленици, бидејќи членот на ДКСК е член на ДУИ, рече Таравари на прес-конференцијата.

Тој пред новинарите покажа документи и појасни дека станува збор за објект куќа, а не зграда, за чија градба е издадена дозвола во јули 2018 година. Три месеци подоцна, откако почнала изградбата, надлежната градежна инспекција констатира дека има отстапување. Според него, инспекторите во два наврати со решение побарале да се отстрани делот кој е вишок, но за уривање потребна е судска одлука.

Претходна вестЗошто Владата нема сериозен дијалог со матичните лекари?
Следна вестПоразително истражување: Дури 62,7 отсто од средношколците потврдуваат дека насилството е често или постојано присутно во школите