Поразително истражување: Дури 62,7 отсто од средношколците потврдуваат дека насилството е често или постојано присутно во школите

Насилството е често или постојано присутно во средните училишта а така сметаат дури 62,7 проценти од средношколците, потврдило истражувањето коешто го спровела тинк тенк организацијата „Аналитика” со учениците од три средни училишта на територијата на Град Скопје (СУГС “Здравко Цветковски”, СУГС “Зефљуш Марку “и СУГС” Шаип Јусуф”).

-Од 305 анкетирани ученици, дури 213, нив 62,7 отсто, одговориле дека се сведоци на насилно однесување во училиште, но не пријавуваат, се наведува во истражувањето

Наодите од истражувањето, даваат поразителна слика за тоа колку и во каков облик се јавува насилството. Најголем број од нив го препознаваат физичкото насилство кое во голема мера е највидливо, понатака според учениците во висок процент е присутно психичкото и сајбер насилството. Високи 70 отсто од учениците сведоци се на насилно однесување во нивните училишта, но истото не го пријавуваат од бројни причини, меѓу кои не знаењето кому да пријават или како да пријават а да останат аноними пријавувачи.

На прашањето „Дали сметате дека наставниците посветуваат доволно време за едукација на ученииците за превенција и справување со насилството„ висок процент на ученици, односно 82,3 отсто, одговориле дека наставниот кадар посветува најмногу време на ваква едукација.

Речиси во сите училишта постои кодекс на однесување, како и кодекс за постапување при насилство. Но, сепак, посочува „Аналитика“, не е препознаен или не им е презентиран на учениците на начин на кој би требало.

– Кај 43 проценти од учениците доминира одговорот дека насилството е најчесто прекинато од страна на наставниците во училиштето, што посочува на важноста на улогата на наставниот кадар во креирањето безбедна училишна средина, се наведува во истражувањето.

Тамара Мијовиќ-Спасова од „Аналитика“ смета дека за да се спречи насилното однесување на учениците, особено е важна континуираната и здрава соработка помеѓу родителите и училиштата.

– Од добиените одговори забележуваме дека 60 отсто од учениците посочуваат на ниска соработка и вклученост помеѓу родителите, наставниците и стручните служби во училиштата. Родителите се најмногу заинтересирани за успехот на нивните деца, а многу помалку за училишната клима и вонучилишните активности кои имаат цел да ја поттикнат креативноста на учениците, да развијат вештини кај нив и да создадат безбедна и здрава околина, смета Мијовиќ-Спасова.

Од „Аналитика“ посочуваат дека образовниот систем, односно училиштата, се исклучително важни во процесот на препознавање и пријавување на случаите на насилство, каде што може рано да се открие насилството врз децата, со цел негово спречување. Важно е да се воспостави отворен и коректен однос помеѓу учениците, наставниците и родителите бидејќи тоа помага во намалување на насилството во училиштата.

Спасова додава дека е потребно на учениците да им се овозможи да учествуваат во донесување на правилата во училиштето, бидејќи и на тој начин тие ќе партиципираат и подобро ќе ги разберат и почитуваат.

Претходна вестАнтикорупционерите бараат одговорност од Таравари, тој вели дека сакaат да го дискредитираат
Следна вестАпелација ги потврди доживотните казни за масакрот кај Смиљковско езеро во 2012