Арсовска се пофали со реконструкцијата на патеките во Градскиот парк, Шилегов смета дека не смеело да се асфалтира околу лавиринтот

Започнува реконструкцијата на пешачките патеки во првиот дел од Градскиот парк откако успешно заврши обновата во вториот дел, објави денеска скопската градоначалничка Данела Арсовска. Таа со директорот на ЈП „Улици и патишта“ Борис Настов денеска извршија увид во почетокот на реконструкцијата на пешачките патеки во првиот дел од Градскиот парк.

-Во успешно завршената реконструкција на пешачките патеки во вториот дел од паркот, каде веќе се реконструирани над 12.000 квадратни метри, продолжуваме со реконструирање на сите останати пешачки површини во Градскиот парк. Со реконструкцијата во оваа фаза е предвидено да бидат опфатени пешачки патеки на вкупна површина од 12.500 квадратни метри во првиот дел од Градскиот парк. Од вкупната површина 7.500 квадратни метри се пешачки патеки што се покриени со ризла кои ќе бидат асфалтирани, а 5.000 квадратни метри пешачки патеки кои се затекнати во лоша состојба со големи оштетувања, ќе бидат санирани со нова асфалтна маса, истакна Арсовска.

Во соопштението на Градот Скопје се наведува дека во текот на изминатите денови веќе се започнати  активностите за реконструкција на патеките во близина на малиот лавиринт во првиот дел од паркот и дополнително уредување на зеленилото.

-Во активностите во оваа фаза на реконструкција на патеките во првиот дел од Градскиот парк ЈП Улици и патишта во изминативе денови веќе започнаа со целосна реконструкција на пешачките патеки со ризла, потоа следи фаза на реконструкција на оштетените асфалтни патеки и санација на истите кои ќе бидат обновени со нова асфалтна маса, посочи директорот Настов.

Но, токму реконструкцијата на пешачките патеки околу лавиринтот во првиот дел на Паркот денеска предизвика реакција на поранешниот градоначалник Петре Шилегов. Во објавата на неговиот профил на Фејсбук Шилегов потенцира дека патеките околу лавирнинтот не смееле да се асфалтираат.

-Во Градскиот парк во Скопје, во таканаречениот турски дел (паркот е подигнат на почетокот на 20-ти век), постојат (постоеа, сега веќе) земјени пешачки патеки, останати таму како традиција. Стојат така повеќе од сто години. До денес. Денес дојдоа “новите ветришта” … П.С. Изборот на асфалт како подлога за стази во парк, во денешно време,  е ствар на тотално незнаење и дефинитивно на лош, ама многу лош вкус !!!, напиша во објавата Шилегов.

Детски лавиринт од растенија е направен во април 2008 година како подарок од холандската амбасада во чест на роденденот на холандската кралица.

Претходна вестГрадоначалник на Крушево со повик за достоинствено одбележување на Илинден во Крушево
Следна вестНови 897 заразени од корона вирус, починаа две лица