Градоначалник на Крушево со повик за достоинствено одбележување на Илинден во Крушево

Достоинствено, со висока доза на почит и гордо да го одбележиме Илинден 2022 година, порача градоначалникот на Крушево Томе Христоски во пресрет на одбележувањето на 119-годишнината од Илинденското востание и од Крушевската Република.

Христоски во повикот на достоинствено одбележување на големиот Илинден вели дека е наша одговорност да го славиме и да го чуваме и да се раководиме од Крушевскиот манифест.

-Празникот Илинден не само што е голем празник, туку е наша одговорност да го одбележуваме, славиме и чуваме. Споменот на Илинденците, споменот на создавањето на нашата држава е должност која треба да ја пренесеме на помладите генерации. Достоинствено, со висока доза на почит и гордо да го одбележиме Илинден 2022 година. Илинден е празник на сите и секој од нас има еднаква можност да го одбележува на свој начин, но должност е да бидеме достоинствени како Илинденците, да не ги забораваме идеалите и да се раководиме од Крушевскиот манифест. Илинден е на секој граѓанин и тоа никој никогаш нема да го смени, вели во повикот Христоски, нагласувајќи дека сите ги очекува на прославата на Илинден во Крушево.

Христоски повикува дека идеалот на Илинден може да биде претставен на вистински начин само преку покажување на толеранција, достоинство и мирно одбележување

-Илинден нѐ повикува да бидеме единствени, да бидеме демократи кои се почитуваат едни со други и ги почитуваат институциите. Идеалот на Илинден може да биде претставен на вистински начин само преку покажување на толеранција, достоинство и мирно одбележување. Сѐ друго е само непочит и заборав на оние кои се бореле за автономна Македонија. Ова е проглас од еден Македонец кон сите свои сограѓани – Илинден да го одбележиме како што прилега, а Манифестација „Десет дена Крушевска Република“ да ја проследиме со внимание заради својата национална вредност. Сите сме деца на Илинден. Илинден – нашата визија за иднината, стои во повикот на градоначалникот Христоски за одбележувањето на големиот Илинден во Крушево.

Претходна вестБислимовски: Од полноќ дизелот ќе поевтини за два денара, а тие што не ставија на билборд јавно да ни се извинат
Следна вестАрсовска се пофали со реконструкцијата на патеките во Градскиот парк, Шилегов смета дека не смеело да се асфалтира околу лавиринтот