Револт на начинот на кој Агенцијата за млади и спорт ги доделува ваучерите кои служат за финансирање на македонскиот спорт искажа денеска Дарио Ивановски, државен првак во ателтика во две дисциплини – трките на 3.000 и на 1.500 метри. Ивановски е огорчен од фактот што Агенцијата за годинава му доделила ваучер во висина од само 38.000 денари (околу 600 евра), а што е за скоро десет пати помала помош од првиот на листата.
Тој минатиот месец постигна забележителен резултат кога на митингот во сала во Белград го урна македонскиот рекорд на 1500 метри. Ивановски постигна време од 3:45.46, што е за дури пет секунди подобро од неговото претходно најдобро време во сала 03:50.90 минути. Со овој резултат тој освои 1082 бода и во моментов е на само 46 стоти делови од секундата од обезбедување норма за настап на Европското првенство во сала кое ќе се одржи од 3. до 7. март годинава во Торун, Полска. Неговиот државен рекорд на 3.000 метри изнесува 8:14:44.
-Чекајте да размислам каде да одам да се подготвувам со овие пари… Аха, во 2020 година картата до Кенија ме кошташе 90.000 денари. За да трчаш силно треба да тренираш на високо. Хм… па јас можам и тука бе…. Зарем кога почнав да се занимавам со атлетика имав некои придонеси за да се подготвува? Епа ќе трчам улични трки за да собирам пари, за да можам да се подготвувам убаво да успеам во спортот, напиша Дарио денеска на својот профил на социјална мрежа Фејсбук.
Тој, во обајвата натаму напиша дека лани, кога не бил во најдобрата форма што ја очекувале „било лесно да го закопат“.
-Не зборуваме за материјално, туку само погледнете го знамето на мојата лева страна. Зарем не ви е срам да го газите знамето додека е на земјата ниско. Не знам за вас, но мене ме учеа да бидам борец до крај, па дури и противникот додека е на земја да го чекам да стане за да продолжам. Јас имам одговорност да ја чувам мојата татковина како што ме советуваше дедо ми. Гордо да стојам со главата горе и секогаш да го давам максимумот за неа. Но, сам е премногу тешко луѓе, освестете се, не мора за мене ниту пак за минатото. Треба да ја оставиме за нашите следни генерации. Еден ден, верувам, дека ќе дојдат не еден, уште десет “Дарио”. Што да им кажеме да се занимаваат со спорт или да бегаат што можат подалеку од него?!, напиша во објавата државен рекордер Ивановски.
Да се надеваме дека Агенцијата ќе ја увиди грешката и ќе го поддржи поконкретно атлртичарот кој веќе е докажан на атлетските патеки и достојно ја преставува Македонија низ светот.