Сообраќајот на државните патишта низ земјава се одвива непречено, по наместа влажни коловози, додека на Попова Шапка се регистрираат слаби врнежи со појава на кашест снег.
Интензитетот на сообраќај надвор од урбаните средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.
Од Авто-мото сојузот на Македонија апелираат возачите да ја прилагодат брзината според условите на патот и да ја почитуваат сообраќајната сигнализација. Посебна внимателност се препорачува на делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде е можна појава на одрони, особено на патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Воедно, поради сезонски режим, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица останува затворен за сообраќај до 31 март 2026 година.




