Бискуп Стојанов: Зборот на Исус Христос да допре до оние кои се опиени од сопствениот егоизам, моќ и сила

Католиците во Македонија и во светот, протестантските верници, како и дел од православните христијански цркви кои се водат според Грегоријанскиот календар, денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Верниците од католичката вероисповед, традиционално, централното одбележување на празникот го одржаа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше Воскресна света литургија.

На литургијата присуствуваа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, поранешниот претседател Ѓорге Иванов… Велигденска воскресна литургија ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх, Киро Стојанов кој во обраќањето порача дека на светот ми треба мир и правда.

-Да го замолиме Исус Христос во оваа време неговиот збор да допре до свеста на сите оние кои се опиени од сопствениот егоизам, моќ и сила, кои внесуваат немир и раздор, да се откажат од гревот и во името на Бога да почнат да прават добро и да работат на воспоставување мир и правда меѓу сите луѓе и народи во овој свет чии сопственици не сме ние, туку го примивме како подарок што можеме да им го пренесеме на генерациите по нас. Нека и нам Воскреснатиот Исус ни ги отвори очите да поверуваме, бидејќи во спротивно ќе се соочиме само со неодговорени прашања, рече скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх Киро Стојанов.

Тој претходно потсети дека Велигденскиот пост е започнат со страшната воена ситуација со нападот над Украина.

– Поголемиот дел од тоа време на пост, молитва и добри дела го поминавме следејќи ги медиумите и извештаите за тоа што се случува со нашите браќа и сестри во Украина. Пред нашите очи се милиони бегалци, илјадници страдалници, жртви на војната, убиени луѓе по улиците на украинските градови, уништени домови и луѓе на улица со крици во устата и солзи во очите. Како браќа по вера, не можевме да се оглушиме, а да не го слушнеме гласот на киевско – халичкиот врховен надбискуп Свјатослав Шевчук, кој повикува и моли за својот народ, но во исто време укажува и на одговорноста на целото човештво. Тој постојано го повикува светот активно да работи на спречување војна и заштита на праведниот мир, укажа бискупот.

Тој упати честитка до сите граѓани.

-На сите Ви посакувам среќен Велигден! Христос воскресе! Амин. Алилуја!, рече бискупот Стојанов.

Претходна вестРуски ултиматум до бранителите на Мариупол: Положете го оружјето и ќе останете живи
Следна вестКазнети 216 возачи, 28 биле пијани зад воланот