Црквата на улица „Македонија“ никако да се заврши, ќе бидат ли лимените тараби и натаму главен „украс“?

Лимените тараби и незавршената црква и натаму се главен украс на централната градска улица „Македонија“. Новата црква „Свети Константин и Елена“ веќе десетина година никако да се заврши, па градилиштето е и натаму оградено со тарабите кои станаа ругло на најпрометната пешачка улица во градот.

Лани, скопската општина Центар побара да се отстранат тарабите за да веќе не се нагрдува улицата по која поминуваат и бројните туристи. Но, на молба на МПЦ-ОА се реши тарабите и натаму да останат се до завршувањето на објектот. Од општина Центар лани во јануари соопштија дека финалните работи на објектот наскоро треба да бидат готови.

-Одлуката кругот на црквата да остане ограден е пред сѐ поради безбедносни причини со оглед на фактот дека над камбанаријата сѐ уште се извишува кран. Општина Центар ќе ги извести граѓаните и јавноста за сите следни чекори кои во иднина ќе бидат преземени во однос на ова прашање, информираа тогаш од општина Центар.

Тоа било договорено на средбата на градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски со поглаварот на МПЦ, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан на којашто се разговарало за моменталната состојба со црквата. Но, оттогаш до сега, односно, цела година, ништо не е направено. На храмот не се работи ниту тоа се најавува.

Во парил минатата година Скопската епархија на МПЦ-ОА соопшти дека нема доволно пари за да ја доизгради црквата.

-Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Скопската епархија сметаат дека македонскиот народ и верниците заслужуваат храмот во центарот на главниот град да биде завршен и да се подготви за осветување и да биде ставен во функција. Како прв чекор кон тоа, потребно е да се изработи фрескоживописот. Немајќи доволна финансиска можност за да го доизгради храмот, Скопската епархија изразува надеж дека во следниот период ќе се најдат благочестиви христијани кои ќе го помогнат довршувањето на храмот „Свети Константин и Елена“, кој ќе биде гордост на градот и на МПЦ-ОА“, наведе тогаш Епархијата во соопштението.

Скопската епархија информира и дека ги подмирила сите долгови кон изведувачот на досегашните градежни работи и дека го има храмот во своја сопственост.

Инаку, црквата „Св. Константин и Елена“ почна да се гради во ноември 2012, а инвеститори беа Македонската православна црква (МПЦ) и Фондацијата „Св. Цар Константин“, која што беше формирана од МПЦ за изградба на црквата. Беа организирани и три донаторски конференции со македонски компании за да се соберат пари за изградба. Црквата ја градеше компанија „Бетон“.

 

Претходна вестСедумина возеле без дозвола, тројца поминале на црвено…, казнети 144 возачи
Следна вестСДСМ: Од март, поголема минимална плата од 22.500 денари