Да се направат хидроцентралите Чебрен и Галиште, а не само да се спомeнуваат пред избори

Со Константин Димитров, универзитетски професор и експерт за енергетика зборуваме за кризата во Македонија со снабдувањето со електичната енергија, со…

Каква енергетска зима предвидувате во земјава со оглед на она што се случува и расположивите капацитети?

-Предвидувањето е дека ќе биде непредвидливо. Не може да се планира ништо. Може да се предвидува само со услови „ако биде ова или она…“. На таков начин ќе ја поминеме зимата. Ќе ја поминеме ако ни се наредат картите како што треба, но ако ни падне макар и една карта, ќе се урне целата кула. Во текот на зимата снабдувањето на граѓаните и на фирмите ќе зависи од неколку фактори. Ако имаме ладен период со температури од минус 5 степени мислам дека енергетскиот систем ќе доживува тешки моменти, со опасност да се распадне оти нема да има доволно струја. Ќе биде потребно да се има доволно пари тогаш кога струјата ќе биде скапа. Второ, треба да го молиме Господ да врне многу за да се наполнат хидроакумулациите, но и да не врне толку многу за да ја потопи рударската опрема за копање јаглен. Трето, со таа опрема треба дневно да се копаат 18.000 тони јаглен, а четврти фактор е да работат блоковите 1 и 2 во РЕК Битола и да не се расипуваат во тој период. Освен ова, потребно е и да се врши редовен транспорт на јаглен од увоз, а тоа се 300 камиони на ден за потребите на еден блок. Ако нешто од сите овие фактори не се погоди тогаш единствен излез ќе ни биде или купување на скапа струја или рестрикции за фирмите и домаќинствате.

Во енергетика немало значителни инвестиции наназад десет години. Какви инвестиции ни се потребни во најското време за да кризата не се повтори следниве две-три години?

-Оставени сме да зависиме од производството во РЕК Битола. А треба да се поправи „Осломеј“, а „Неготино“ треба да се приклучи на гас. Но, според мене, за да се избегне претсмртната состојба итно треба да изградат 3-4 когенеративни централи на природен гас. Тоа се централи на гас како скопската ТЕ – ТО, кои произведуваат електрична енергија и топла вода која се користи за парно греење. Такви постојки може да се изградат за околу две години, а нам ни треба една во Тетово со што таму дополнително ќе се намали загадувањето на воздухот. Втора ваква централа би можела да се направи во Штип, трета во скопската населба Железарница, а четвртата во Битола.

За мене е злочин да се најавува дека нашата земја ќе инвестира околу 300 милиони евра во централата, во Александропулос а не кај нас. Со градба на вакви централи кај нас би се ангажирале наши фирми, би се вработиле наши стручњаци… Вакви централи на гас ни се потребни како транзиција кон подолгорочни енергетски решенија.

Што е тоа што треба да се прави долгорочно за да немаме кризи во енергетскиот сектор?

 -Треба да се размислува за стратегијата за одржлив развој. Нејзините столбови се енергетика и индустрија кои се меѓусебно поврзани. Треба да се донесе стратешка одлука каква индустрија ќе имате. Ако имате тешка индустрија со големи комбинати какви што се Фени, Југохром и слични, тогаш ќе трошите и многу струја. Доколку форсирате полесна индустрија тогаш и потрошувачката ќе биде помала и за 60 проценти.

Ако се дозволи граѓаните да поставуваат сончеви колектори и да може да ја испорачуваат на системот, тогаш ќе има илјадници колектори и уште помал притисок за струјата. Основно е да мислиме како помлаку да трошиме струја. Сите опции за енергетска ефикасност се победничка опција. Тое е мудро инвестирање и со тоа се намалува увозот. Треба и еднаш веќе да се направат хидроцентралите Чебрен и Галиште, а не само да се спомнуваат од избори до избори. Треба да побрзаме со градба на хидроцентралите оти веќе утре и тоа може да се забрани.

СТРУЈАТА ДА ПОСКАПУВА ПОСТЕПЕНО

Се навестува и поскапувањето на струјата…

-Секогаш сум велел дека струјата е стока како и секоја друга и дека таа си има своја цена како, на пример, што ја имаат патлиџаните. Таа си има своја пазарна цена. Пред околу 4 години ЕСМ утврди дека производната цена на струјата е 42-43 евра за еден мегават час. Но, сигурно, за да се обезбедат политички гласови и да им се додвори на гласачите, Владата нареди таа цена да се намали на 36 евра и по што успешни фирми како МЕПСО, како ЕСМ, кои беа големи спонзори, мораа да земаат кредити. Тие се сега загубари и им фалат по 20-30 милиони евра, па Владата им доделува финансиска помош преку земање од други фирми или преку заеми од странство. Но, во исто време, овие фирми МЕПСО и ЕСМ имаат зголемени вработувања, имаат големи плати. И сега ни се случува да мора да купуваме струја за еден месец по цена од 210 и 250 евра за еден мегават час, а наша производна цена е 36 евра.

Да одговорам директно, струјата мора да поскапи. Но, нема сега да биде на 40 евра на мегават час бидејќи лани веќе беше 50-60 евра. Идната година, цената на струјата на пазарот ќе биде сигурно околу 120 евра, а на лето околу 80 евра, но нема да падне под 60 евра. Но, моја препорака е поскапувањето да оди постепено, а не со шок. Па, еден месец да поскапи 10-15 проценти, па пак толку следниот месец.

Претходна вестДенес не очекува променливо облачно време, од понеделник дожд
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Почнаа промените во општините, градиме нова иднина