Џабе планините и снегот, фали организација и работење, затоа Македонците скијаат во Бугарија, Србија…   

Природата дала – функционерите не додаваат, само ветуваат

 

Со зимските центри не сме направиле ништо како држава и тоа што останало од поранешната Југославија сега е 90 проценти уништено, смета Марјан Мирчески

Снегот требаше да ги израдува скијачите во Македонија. Ама кога скијачите се запрашаа каде да отидат да скијаат – почна проблемот. Тешко се доаѓа поради недоволно исчистениот снег во Маврово, на Попова Шапка. А и кога ќе се стаса на нив проблемите не престануваа. Тешко се наоѓа место за паркирање, гужви пред малкуте жичарници… И вака е со децении. До кога ќе биде вака – уште децении ќе чекаме?

Времето во наши најпознати центри какви што се Попова Шапка, Маврово, Пелистер, Крушево… како да застанало. На Пониква како и да не почнало. Малку нешто е подобрено и со децении е исто. Пристапните регионални патишта се во крајно лоша состојба, има малку паркинг места, малку стази за скијање, малку добри жичарници, малку механизација за средување на терените, малку хотели, ресторани, спа – центри… Треба ли тогаш да зачудува фактот што македонските зимски туристи во овој период најмногу заминуваат на скијање во Бугарија, во Србија… Џабе е фактот што македонските планини имаат огромни потенцијали за зимски туризам кој ќе отвори нови работни места, ќе донесе странски туристи…

-Со зимските центри не сме направиле ништо како држава и тоа што останало од поранешната Југославија сега е 90 проценти уништено. Ништо ново не е изградено, само криминално се купуваат плацеви и тоа преку ноќ, ни вели Марјан Мирчески, од Кичево.

 Граѓаните реагираат на она што го гледаат и што им се случува кога ќе посакаат да одат да уживаат во снегот.

-Кога со кола одам за Маврово не сум сигурен дека снегот ќе биде расчистен, дали ќе заглавам на тесното место кај браната, кај ќе се паркирам, колку време ќе чекам пред билетарница за скапи карти, дали ќе работат музејските жичарници за да на крајот скијањето да заврши околу 16 часот. Многу нервози за малку уживање, ни вели скопјанецот Марко П..

Маврово изминативе месеци беше во фокусот на јавноста, но не поради модернизација на ски – центарот туку заради изградба на повеќе згради со стотици станови во непосредна близина на центарот. Тоа дополнително ќе го задуши целиот и онака тесен простор. Се издаде и забрана за десетина вили кои бесправно се градат под хотелот „Радика“, што доволно зборува дека во овој центар цвета градба на се и сешто, но не и на ски-центарот.

На Попова Шапка, пак, деновиве се пофалија со пуштање на ноќно осветлување  на патека „Аеродром“, со јавни тоалети и две нови бачила. Но се уште нема решение за паркингот, сметот, вештачки снег, не профункционира жичарата од Тетово – дури следната година ќе се правеле конкретни планови…

-До Шапка, како и до Маврово, треба да се реши превозот. Посебно да се направи жичарницата од Тетово до терените, потоа да се овозможи поголем простор за паркирање, но и да се зголемат скијачките капацитети. Треба и најитно да се работи на хигиената, вели Марија Ивановска.

За средување на Попова Шапка со која стопанисува државната компанија ЕЛЕМ ветувањата никогаш не фалеле. Во јуни годинава актуелната власт најави дека комплексот ќе биде даден на концесија од 99 години на позната ски-фирма која ќе вложи околу 100 милиони евра… Сепак, од тоа засега нема ништо. Најави дека ќе се средуваат ски-центрите Копанки и Нижеполе им се даваат на битолчани од избори до избори, но и таму не се менува нешто. Во јули годинава се потпиша договор со кој се одобруваат финансиски средства за изработка на проект за изведба на нов ски-центар, но се уште се чека на идеен проект.

 -На Копанки патеката нередовно е исчистена од корења и треви, немаме дом да се стоплиме. Горниот ски лифт е најчесто надвор од употреба. Нема топови за вештачки снег. Персоналот тврди дека за тоа требало резервар вода, а вода на Пелистер не знаеле каде да најдат!? Жичарата е несигурна…, се жали битолчанецот Филип Најдовски

Слично ни кажува и неговиот сограѓанин Зоран Ѓорѓиев:

-На ски-центарот Нижополе е малку покултурно, но не е доволно. Тука секојдневно има големи редици од скијачи кои некогаш чекаат ред и до 45 минути за да поскијаат само 5 минути. Нема уреди за вештачки снег, ратракот кај Нижеполе е понов додека кај Копанки е врсник со нас, вели Ѓорѓиев.

Од друга страна, политичките ветувања дека ќе се прават нови центри, со милионски инвестиции врнат како снег. Во јуни актуелната Влада објави дека ја прифатила иницијатива на Царев Врв на Осоговски планини да се гради најмодерен ски центар на Балканот и во кој ќе бидат вложени 100 милиони евра. Но, оттогаш до сега нема ниту еден чекор во тој правец. Од струшката општина најавуваа изградба на скијачкиот центар на планина Јабланица над Вевчани во кој треба да се вложат 320 милиони евра. Пред седум години државната компанија МЕПСО потпиша три договори за изградба на проекти за три ски – центри Бел Камен на планината Плачковица, кај Радовиш, скијалиштето „Беровско езеро“ и скијачки центар на планината Голак. Но, тое не се реализира. Од Ски-центарот Кожуф кој почна да се гради пред две децении години како сите да дигнаа раце и тој сега пропаѓа…

-На нашите центри им недостасува: модерни пристапни патишта, добри хотели, услуга, бачила, мини-ресторани, ви-фи, вода, соби за ноќевање… Жичарите и ски лифтовите, односно, гондолите се научна фантастика за кај нас, вели Христо Спасевски.

Додека да се дочека тоа, очигледно, ќе поминат уште многу години во текот на кои ќе се даваат „ново – стари“ ветувања.

Само локални моќници инвестираат во свои вили

Зоран Ѓорѓиев вели дека некакви инвестиции има само од локални богаташи.

– Единствено некој од локалните моќници или нови богаташи од политичката елита ќе потрошат некоја пара за нивна вила или ресторан, други нема. Самото вложување во модерни центри од страна на државата е неколку пати повратна инвестиција и за неа и за граѓаните кои живеат тука, но тоа не се случува од непознати за нас причини, потенцира тој.

Од Преспа на скијање во Грција

Игор Начевски потенцира дека Македонија располага со неколку добри планини за развивање на зимските спортови

-Само Попова Шапка исполнува какви такви услови во смисла на терени, сместување, инфраструктура, меѓутоа сметам дека менаџментот со центарот е катастрофа. Најкатострофална е состојбата на ски центарот Копанки кој го доиспустија. Сега за сега за нас од Преспанскиот регион најдобра варијанта ни е да одиме на скиење во Грција, ем поефтино ем секогаш се подготвени до максимум, вели тој.

Претходна вестПовремено „сонце со заби“, температура до 6 степени
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Шилегов го оставил Скопје во долг од 160 милиони евра