До кога ќе се потпираме на донации со вакцини?

Во Македонија денеска пристигна нова тура на вакцини против Ковид-19. Соседна Србија пак направи хуман и пријателски чин и ни донира вакцини. По претходните 8.000 вакцини на „Фајзер“ благодарение на кои конечно започна процесот на вакцинирањето во наша земја, денеска стасаа 20.000 дози на руската вакцина „Спутник V“, а наскоро ќе ни достават уште 20.000 дози од истата вакцина. 

Од ова произлегува дека Србија ни даде двојно повеќе вакцини од колку што македонските власти успеја да обезбедат-купат до сега.

Од другите вакцини, добивме 24.000 вакцини на „АстраЗенека“ преку Ковакс-механизмот и 3.000 вакцини „Спутник V“ од Русија. Значи, за почеток на каква таква помасовна имунизација се чека на донации или на нарачките кои се направени како што велат нашите власти – одамна.

Премиерот Зоран Заев и денеска рече дека тие „ќе стасаат, се очекуваат во текот на април…“. Се уште ги чекаме 800.000 вакцини на „Фајзер“, 200.000 од кинескиот „Синефарм“, 100.000 од Русија…, вакцини преку ЕУ, остатокот од Ковакс-механизмот….

Засега најсигурно во Македонија стасуваат донациите. До кога ќе биде така? Убаво е да се добиваат донации, да се јакне пријателство, но најдобро е нашите надлежни благовремено да мислат, а сега и многу посериозно да делуваат (наместо да се караат меѓу себе) па нарачаните вакцини да бидат конечно и добиени.

Зарем ќе се дозволи и понатаму донациите да ни се најголемиот извор на вакцини? Претседателот Пендаровски тоа, ако се гледа од претходното искуство, пак би го нарекол – срам.

Претходна вестКакви ли печурки јаделе штом и дошло да ја кршат фонтаната „Печурка“ во Ново Лисиче?
Следна вест29 починати и 1.402 нови случаи со ковид, во Скопје речиси 10.000 активни