Ердоган: Единствениот победник на овие избори е Турција

Aктуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган завчера победи во вториот круг од претседателските избори и е реизбран за претседател на Република Турција во наредните пет години. Официјалните резултати покажаа дека Ердоган добил мнозинство од 52,1 отсто гласови. Ривалот Кемал Киличдароглу обезбеди 47,9 отсто од гласовите.

Додека се пребројуваа гласовите и стана извесно дека неговиот ривал не може да го достигне посакуваниот процент, Ердоган им се обрати на своите приврзаници кои во голем број се собраа пред неговата резиденција во Истанбул, заблагодарувајќи им се што му ја дале одговорноста да владее во следните пет години.

– Го завршивме вториот круг од претседателските избори во корист на нашата нација. Единствениот победник на овие избори е Турција, победија сите 85 милиони луѓе во нашата земја. Вашата волја стана турска сила, неуништлива сила, рече Ердоган во своето обраќање до поддржувачите во Истанбул.

Официјално, претседателот на Изборната комисија, Ахмет Јенер, соопшти дека Ердоган е избран за претседател со освоени 52,1 отсто од вкупниот број обработени гласови. Неговиот опозициски опонент, Кемал Киличдароглу, пак, освоил 47,8 отсто од речиси сите преброени гласачки ливчиња во вториот круг од изборите. Според прелиминарните резултати, Ердоган го победил Киличдароглу со околу 2,2 милиони гласа разлика.

Меѓу првите што му честитаа на Ердоган беше американскиот претседател Џо Бајден.

– Се радувам и натаму како членки на НАТО да соработуваме на билатерални теми и глобални предизвици, напиша Бајден на Твитер.

И украинскиот претседател Владимир Зеленски, честитајќи му ја победата на Ердоган, изјави дека смета на „стратегиското партнерство“ на Украина и Турција и оти се надева на заедничко јакнење на безбедноста и стабилноста во Европа.

И НАТО и ЕУ му честитаа на Ердоган за реизборот. Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, напиша дека се радува на продолжувањето на соработката и на подготовките на самитот, кој во јули годинава треба да се одржи во Вилниус.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, честитајќи му ја победата на Ердоган, изјавија дека сакаат да ги унапредат релациите меѓу ЕУ и Турција.

– Од стратегиско значење е, како за ЕУ така и за Турција, да се работи на проширување на овие односи, за доброто на нашите народи, додаде Фон дер Лејен.

Рускиот претседател Владимир Путин во својата честитка го нарече претседателот Ердоган „драг пријател“.

Претходна вестЃорѓиевски: Владата за едни е мајка, а за други маќеа, некои општини добиваат милиони, а некои ниту денар
Следна вестСкопски стил: Раскопаницата фино му прилега на новиот асфалт во Аеродром