ЕУ пак не повика да најдеме решение, а кога ќе се самоповика во одбрана на сопствените стандарди?  

Македонија на секои шест месеци станува барем малку важна тема во Брисел. И тогаш од престолнината на ЕУ вообичаено доаѓа повик ние во Македонија некоја задача да извршиме, за тие да ја подотворат вратата за нас. И така, се редат нивните повици -апели…

Последен таков повик да се најде решение за бугарското вето за почеток на македонската евроинтеграција дојде од повеќе евро-званичници.

Европските претставници од сите групи на ЕУ ги повикаа Бугарија и Северна Македонија да најдат решение за билатералните разлики, објави БНР.

Во меѓувреме, преговорите и натаму продолжуваат при што Македонија очекува Бугарија да не го кочи почетокот на преговорите на земјата со ЕУ.

-Македонската влада направи се’ што очекувавме, но не ги започна преговорите. Земјата е синхронизирана и со политиките кон Русија, изјави социјалистот Тонино Пацула.

Европратеникот Андреас Шидер инсистира дека бугарското однесување не решило ниту едно прашање, а покрај тоа има влијание и врз земјата и ЕУ.

Посилен повик упати и францускиот претседател Емануел Макрон вчера во телефонските разговори со премиерот Димитар Ковачевски, со бугарскиот премиер Кирил Петков и со бугарскиот претседател Румен Радев. Тој посочил дека Македонија и Албанија треба брзо да се поттикнат да продолжат со дијалогот. 

Претходно, неделава високиот претставник за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, повика да почнат преговорите за пристапување на Македонија и Албанија во ЕУ. Борел за првпат постави рок, барајќи бугарското вето да се укине до крајот на француското претседателство, кое истекува на крајот на јуни...

Значи, повици има доволно. Ама нема самоповици од оние кои упатуваат повици. Време е Макрон, Борел и сите останати кои се многу загрижени за Западен Балкан да се самоповикаат дека треба да ги бранат принципите на ЕУ, пред се слободата на самоопределување и секако да се брани правдата и правичноста.

Да се самоповикаат дека треба да погледнат пореално на проблемот и дека нивното кажување – „потребата да се најде решение“, „крајни рокови“, „времето истекува“… ништо не значи за тие кои решиле да го газат правото и слободата на другите.

ЕУ е пред голем тест – ќе прати сигнали до светот дека цврсто стои во одбрана на сопствените демократски принципи и стандарди или тоа е само за во декларации кои треба да се читаат во пригодни моменти. 

Претходна вестСДСМ: Обезбедивме историски најголемо покачување на платите во образованието
Следна вестГ.г. Стефан во Белград: МПЦ-ОА ќе продолжи да оди кон автокефалниот статус, браќа-архиереји од СПЦ знаеме дека сте подготвени да помогнете