Евроскептицизмот во пораст, секој четврт македонски граѓанин против членство во ЕУ

Доколку утре се одржи референдум за влез на Македонија во Европската Унија, позитивно би гласале 55,8 отсто од граѓаните додека една четвртина од анкетираните или 24,8 отсто би биле против, покажало последното истражување на јавното мислење кое за емисијата „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Како што објавува „Детектор“, според оваа анкета 93,5 отсто од етничките Албанци би гласале за влез на Македонија во Европската Унија, а само 4,6 отсто против. Кај Македонците, 43,5 отсто од анкетираните се за влез на Северна Македонија во ЕУ, а дури 31,5 отсто од анкетираните се против.

Анализата на последните три анкети кои емисијата „Детектор“ на ТВ Сител ги спроведе во последните четири години покажува дека од 2019 година до денеска, поддршката значително опаднала. Ако во 2019, 67,4 отсто од анкетираните давале поддршка за членство во ЕУ, бројката во 2020 година паднала на 65,5 отсто за денеска да се спушти на 55,8 отсто. Од 17,3 отсто колку што се противеле на членството во ЕУ во 2019 година, бројката скокнала на 24,8 отсто денеска што, како што посочуваат во Детектор, значи дека секој четврти граѓанин е против членство во Европската Унија.

Најголеми поддржувачи на зачленувањето во ЕУ се младите, а најголеми противници граѓаните меѓу 30 и 40 години.

Дури 42,1 отсто од анкетираните се на ставот дека земјава никогаш нема да стане дел од ЕУ, 16,1 отсто очекуваат членство во наредните 10 години, 14,3 отсто во наредните 15, а 8,7 отсто очекуваат да се зачлениме во наредните пет години. Само 1,7 отсто од анкетираните се оптимисти дека во ЕУ ќе се зачлениме идната година.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај, годинава врз репрезентативен примерок од 1.112 испитаници.

Претходна вестЕрдоган победи на претседателските избори во Турција, Киличдароглу вети дека ќе ја продолжи борбата за демократија
Следна вестСДСМ:Изградивме и обновивме 1.400 километри патишта, ВМРО-ДПМНЕ само 600