ФК Вардар остана без директор, Самоил Симев си поднесе оставка

Самоил Симев поднесе оставка на функцијата директор на фудбалскиот клуб Вардар. Оставката ја поднесува од морални и етички причини, со напомена дека ќе остане за да помогне како вработен до реализација на заостанатите плати и расчистување на долговите.

„Почитувани,

Ве информирам дека донесов одлука да поднесам оставка од позицијата – директор на ФК Вардар, но, ќе напоменам – останувам да помогнам како вработен до реализација на заостанатите плати и расчистување на долговите. Оставката ја поднесувам од морални и етички причини.

Минаа 7 години како сум назначен на позицијата од која заминувам. Сакам да изразам благодарност до г-дин Самсоненко за укажаната чест да се биде дел од најголемиот спортски бренд ФК Вардар но и за се она што тој го направи на спортски план со сите колективи. Благодарност до медиумите, подржувачите, критичарите и најверните – Комити. Посебна благодарност до сите фудбалери и тренери низ годините од првиот тим и младинските категории, колеги вработени во клубот, кампот и Академијата сите заедно во 6 сезони освоивме 4 шампионати и остваривме историски пласман во ЛЕ. Имавме убави моменти, моменти на славје и тага, успеси и грешки кои нѐ градеа како колектив.

Се вложив максимално во работата изминативе години, целосно се посветив и таа ми беше на прво место, себично, но, и пред приватниот живот. Беше личен предизвик, гордост, задоволство, но на моменти и тешко искуство кое не може да се опише. Емотивно сум исцрпен и истрошен и немам веќе ниту сила, ниту моќ да се борам.

Последните две години секојдневно со г-дин Самсоненко се бориме со последни сили да функционира клубот за што и навремено алармиравме и реагиравме кај сопственикот – Градот Скопје уште во месец Август 2018 година.

Сепак, последните 6 месеци се клучни за мојата одлука и причините да поднесам оставка.

Во месец Мај г-дин Самсоненко и официјално се повлече од клубот за што го информиравме со допис и Градот Скопје. Во тој момент правилна одлука ќе беше и јас да се повлечам. Сепак во договор со претседателот Спасески и шефот на стручниот штаб Васоски, се нафативме на неверојатно тешка задача. На десет дена пред почеток на првенството решивме, со ветената помош од градот и со реализаија на ваучерот, дека ќе издржиме до крајот на полусезоната, бидејќи немаше друг излез за клубот.

За жал не се реализираше ништо од дадените ветувања кон нас, и затоа ја донесов оваа одлука, бидејќи се најдов во ситуација каде ветив и превземав голема одговорност кон сите вработени, на кои им се извинувам уште еднаш. Исклучителна почит кон оние кои и во најтешките моменти беа со нас, а за жал ги има малку. Големите луѓе во тешко се познаваат, благодарност до г-дин Самсоненко кој иако не е веќе финансиер, сепак, се нафати да ги исплати и платите за овие 6 месеци.

Апелирам до сопствениците на клубот и надлежните институции, спортска јавност, бизнисмени и засегнати страни да вложиме максимален напор сите заедно и да се обединиме околу Вардар. Да му се помогне сега кога е најтешко. Напоменувам дека месецов е клучен и мора да се најде решение, подготовките се закажани за 14.јануари.“

Претходна вестВо Скопје хоспитализирани 29 нови пациенти, а пуштени се 30, кои оздравеле од коронавирус
Следна вестГрашковска: За бадниковите огнови важи забраната за групирање на повеќе од 4 лица