Македонија потона против Египет, ќе исплива ли барем на наредниот натпревар?

Македонската ракометна репрезентација доживеа уште еден тежок пораз на 27 Светско првенство. По поразот од Шведска, во четвртокот (32:20), вечерва домаќинот Египет ја декласира Македонија со 38:19 (20:6). Поразот од Египет е најтешкиот за Македонија во седмото учество на светските првенства.

Дали е ова уште еден лош ден по кој македонските репрезентативци ќе се разиграат или по двата одиграни натпревари на Светското првенство веќе се поставува прашањето дали Македонија воопшто требаше да ја прифати понудата и како прва резерва да отпатува во Египет?

Со Шведска избраниците на Данило Брестовац се држеа во првите 15 минути, со Египет како да се предадоа од самиот почетокот.

По 10 минути игра Египќаните водеа со 7:3, а четири минути подоцна резултатот беше 10:3. Данило Брестовац потоа побара минута одмор, по што Македонија постигна три гола и тоа беше се што го покажаа на овој натпревар.

Дополнителен проблем настана кога при резултат 10:6 во 18.минута, судијките од Франција, сестрите Бонавентура, му покажаа црвен картон на Кузмановски.

Од тој момент Египет повторно се врати во ритам и до крајот на полувремето го наполни голот на македонската репрезентација.

Во 26.минута, Египет создаде двоцифрена предност 16:6, а првиот дел „фараоните“ го завршија со 14 гола повеќе од противниците (20:6).

За жал, Македонија до двоцифрен број на голови дојде во 40 минута, а во истата минута Египет имаше плус од 20 голови (30:10).

Махмуд со осум гола го предводеше Египет, кај Македонија Лазаров, Марковски и Пешевски постигнаа по три гола. Добра партија во редовите на македонската селекција покажа голманот Томовски со осум одбрани.

Да се надеваме дека по овој пораз македонските репрезентативци сепак нема да паднат со духот и ќе најдат сили предводени од Лазаров да извојуваат победа во наредниот меч.

Претходна вестДури 2.116 оздравени во изминатово деноноќие, 361 новозаразен и 14 починати од корона вирусот
Следна вестЖител на Сингелиќ осомничен за недозволено поседување дрога и оружје