Македонија со пораз се прости од Каиро, што научија младите ракометари?

За македонските ракометни репрезентативци заврши Светското првенство во Египет.  Репрезентација на Македонија загуби од Белорусија со 26-30 (14-14) и тоа е нејзин последен меч на ова првенство.

Почетокот, па и средината на мечот најавуваа дека „црвено-жолтите“ ракометари имаат можност да победат на овој натпревар. На моменти дури и водеа со два гола разлика. Сепак, во вториот дел од натпреварот, кај дел од репрезентативците се појави стариот проблем – недоволно залагање, недоволна желба за победа, недоволно…

Во 47-та минута Белорусија поведе со 24-20, што се покажа како превисока пречка за изборување на позитивен резултат.

Во добро светло се покажаа искусните наши ракометари капитенот Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов… Лазаров беше најефикасен со седум гола, исто колку што постигна и Владислав Кулеш за Белорусија.

Да потсетиме, нашата репрезентација настапи со повеќе дебитанти на големите натпреварувања. Дали и колку тие (но и некои ракометари кои ги сметаме за иднината на македонскиот ракомет) ја искористија укажаната шанса ќе се анализира деновиве. Сепак првиот впечаток е дека не покажаа голема желба за победа и успех.

Инаку, македонскиот состав на ова Светското првенство имаше една победа (над Чиле 32-29), а останатите пет натпревари ги загуби со голема гол разлика.

Претходна вестНови 183 случаи на Ковид-19 во Македонија, починале шестмина
Следна вестЛазаров одигра капитенски и учителски, дали другите ќе научат – ќе видиме