Галичник, Берово…, а само што се покачија температурите

Добро е, пожарот нај Галичник синоќа бил локализиран. Не е добро тоа што шумските пожари почнаа во Македонија при првото покачување на температурите и при првиот викенд кога луѓето излегоа во природа. Да потсетиме пред два дена гореше прекрасна шума и кај незаменливото беровско езеро.

Како ли ќе биде во врелото лето, ако уште сега не извлечеме поуки? И населението и надлежните служби за контрола-превенција, како и оние за гаснење на пожарите? Зарем ќе дозволиме да се пеплосаат шумите? За дрвокрадците овој пат и да не споменуваме…

Инаку, за вчерашниот пожар и неговото ставање под контрола информира Месната заедница Галичник, преку Фејсбук. Интервенирале НП Маврово, Центарот за управување со кризи, Противпожарните бригади од Дебар и Гостивар, амбулантно возило Гостивар, хеликоптер на Армијата, локално население…

За утрово се најавени летови за гаснење со двата армиски хеликоптера, пишува во објавата. Електричната енергија е сѐ уште во прекин и ќе биде повторно пуштена откако ќе се извршат потребните проверки, а за тоа, од месната заедница Галичник, ќе информираат дополнително.

Сите да отвораме „четири“ очи, шумите се богатство кое тешко и долготрајно се обновува. Институциите да се повеќе на терен и да ги спречуваат пироманите кои намерно или ненамерно предизвикуваат пламени јазици кои голтаат дрвја. Поарно ќе биде на теренот ако таквите голтнат по некоја казна.

 

Претходна вестОбјавен е репертоарот за мај на Театарот за деца и младинци, претстава на 8 и 15 мај
Следна вестНово олеснување на рестриктивните мерки во Словенија