Германски пратеник поднесе оставка бидејќи за хонорари лобирал за Груевски

Обвинувањата дека примал високи хонорари за консултантски услуги од ВМРО-ДПМНЕ додека лидер на оваа партија беше Никола Груевски се најверојатна причина за оставката на германскиот пратеник Тобијас Цех од партијата Христијанска социјална унија. Цех го вратил својот мандат во германскиот Бундестаг по повеќе написи во германските медиуми. Тој, меѓутоа, демантира дека примал пари за вакви услуги.

Цех, покрај пратеничка оставка, се повлече и од сите партиски должности. Според „Мјуних Меркјури“, тој ги известил своите сопартијци во Горна Баварија во четвртокот за својот потег. Позадина се обвинувањата дека го измешал својот мандат и консултативните активности во 2016 година.

Според сознанијата на германски Шпигел приватната фирма на Цех примала петоцифрени хонорари за консултантски услуги на ВМРО-ДПМНЕ, „на чие чело беше корумпираниот политичар Никола Груевски“, пишува весникот.

-Со цел да ги отфрлам сите потенцијали предрасуди, одлучив по своја волја да поднесам оставка од мојот политички мандат во Бундестагот како и од моите должности во партијата веднаш, им напиша Цех на своите сопартијци.

Тој во пораката пишува дека за неговите активности поврзани со ВМРО-ДПМНЕ секогаш бил известуван претседателот на Бундестагот и тие биле достапни и во парламентот.

Претходна вестСончево со малку облаци и умерен ветер
Следна вестЌе се открие ли кои се десетината насилници кои во Струмица брутално претепаа човек?