Градоначалниците да работат подобро и да му го дадат на Скопје она за што се платени

Наместо Скопје да се зипува и згмечува во центарот на градот, тоа треба да се шири и да почне да дише и кон својата периферија

Писателот Владимир Јанковски нема дилеми дека Скопје може и треба да расте, но за неделникот „Скопско Ехо“ вели: „растежот треба да ја диктира поголема визија која ќе гледа во следните 30-40 години, а не само во еден циклус од 2 до 4 години

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

-Свежината на тукушто измиената калдрма во раното летно утро во Старата скопска чаршија, мирисот на костени пред ГТЦ кон крајот на ноември, фудбалскиот натпревар меѓу седмоодделенците на бетонското игралиште пред основното училиште „Григор Прличев“, зградите во Карош 2 и Карпош 3 што личат на џиновски кибритчиња, светлозелената боја на задниот дел од Градскиот парк, која одблеснува темнозелено во матното езерце…

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

-Сите ние имаме свој замислен град, чија утопија најчесто има временски координати. Тие координати се необичен спој од нашиот живот, сеќавањето за нашиот живот и фантазијата што ја имаме за тој град. Како и секоја утопија, и таа наша утопија за градот е малку нереална, набиена со имагинација и желби. Свесен за оваа замка, сепак ќе кажам дека она Скопје од пред бруталните распарчувања на неговото тело пред десетина години го сакам повеќе од сегашниот град.

 Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

-Не. Секако, има и позитивни примероци, но секогаш треба да се инсистира и се притискаат институциите и градоначалниците да работат подобро и да му го дадат на градот она за што се платени. И некако да го засакаат градот за кој работат.

 Дали Вие доволно му дадовте на градот?

-Во двете заеднички книги со фотографот Иван Шопов, „Скопје со широко отворени очи“ и „Лицата на невидливиот град“ се обидовме да создадеме едно Скопјеисцртано од визијата на фотографот за малите скопски моменти и мојата замисла за градот, пред сè, како интимен простор. Во мојот прв роман „Вечно сегашно време“, се обидував од градските маркери да направам лик, исто толку присутен како и двата централни лика во книгата. За тоа дали доволно сум му дал на градот оставам другите да кажат.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

Со тоа што градот има своја динамика на преживување и создавање нов живот која опстојува со векови.

 Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

– Ако се земе предвид големината на некои европски метрополи, Скопје и не е голем град. Растот, зголемувањето на градот, неговото менување е природен процес, кој не треба по секоја цена да се критикува. Скопје може и треба да расте, но растежот треба да ја диктира поголема визија која ќе гледа во следните 30-40 години, а не само во еден циклус од 2 до 4 години. Наместо Скопје да се зипува и згмечува во центарот на градот, тоа треба да се шири и да почне да дише и кон својата периферија. Тие нови населби можат да станат новите „центари“ на Скопје, доколку во нив се обезбедат квалитетни услови за живеење. И таквото децентрализирано Скопје може да биде не само похуман град за живот, туку и поинтересен и побогат град.

 Во какво Скопје сакате да живеете?

– Во Скопје во кое не се брза толку многу, Скопје кое е потивко, Скопје во кое сите учесници во сообраќајот повеќе ги почитуваат сообраќајните правила, луѓето имаат повеќе разбирање кон другите, а односот кон својот простор не завршува со преминувањето на домашниот праг.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

Би додал повеќе улична уметност, повеќе пешачки зони, повеќе зони без автомобили, а би ги одзел сите оние нови градби во кои прозорците од спалните соби во една зграда се оддалечени десетина метри од прозорците на спалните соби во соседната зграда.

Претходна вестСончево со ладнo утрo и дневна температура до 26 степени
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Заради неспособноста на СДС македонските граѓани плаќаат најскапа струја во регионот