Темно Режим Светло Режим

Холандско вето за влез на Бугарија и Романија во шенген-зоната поради корупцијата

Холандскиот парламент донесе резолуција во која се вели дека премиерот Марк Руте не треба да гласа за пристапување на Романија и Бугарија во Шенген зоната, изјави холандскиот европратеник Софија ин’т Велд за романската агенција Аџерпрес.

-На мое големо жалење, холандскиот парламент донесе резолуција во која се вели дека Холандија не треба да гласа за пристапување на Романија и Бугарија во Шенген зоната. Длабоко жалам за ова. Мојата партија гласаше против оваа резолуција, сакаме Романија и Бугарија веднаш да влезат во Шенген зоната, ги исполнивте потребните критериуми. Мора да разберете дека не се сите против тоа во Холандија. Мојата партија сака Бугарија и Романија веднаш да влезат во Шенген, но повеќето партии во владата не го сакаат тоа, коментира Софија ин’т Велд.

Пред два дена, Европскиот парламент со големо мнозинство усвои резолуција со која по трет пат се повикува на земјите-членки да им дозволат на Романија и Бугарија да се приклучат на Шенген зоната за патување веќе оваа година.

Но, мнозинството во холандскиот парламент е со спротивно мислење. Тие сакаат прво да го анализираат функционирањето на владеењето на правото, намалувањето на нивото на корупција и организираниот криминал во двете земји

Во документот, усвоен од холандскиот парламент, се наведува дека проблемите поврзани со корупцијата и организираниот криминал „може да предизвикаат сериозни проблеми за функционирањето на граничната контрола на засегнатата земја и затоа претставуваат ризик за безбедноста на Холандија и на целата Шенген зона“.

Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев пред еден ден изјави дека вратата за влез во Шенген за Бугарија и Романија е веќе „широко отворена“. Тој, сепак, призна дека Холандија и понатаму е против, но го изрази својот оптимизам дека до средината на декември може да дојде до одреден позитивен развој.

Романскиот премиер Николае Чука коментира дека холандската резолуција не е загрижувачка бидејќи Романија направила сѐ што е потребно за да ги исполни техничките услови за пристапување, особено во однос на усогласеноста со условите поврзани со владеењето на правото, корупцијата и организираниот криминал. Тој додаде дека холандските власти би можеле да дојдат во посета на проверка на фактите доколку мислат дека има проблеми.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Од сметка на 86-годишна Англичанка самоволно потрошил 27.000 евра

Следниот Пост

Синдикалецот Димовски до Арсовска: Сменете го директорот на „Водовод“ да не дојдеме во ситуација да нема вода за пиење во Скопје