И германската министерка порача да го смениме Уставот, кој дипломат е следниот што ќе дојде во Скопје?

Почнаа се почести дипломатски гости (особено од ЕУ) да доаѓаат во Македонија. Скопје како добар домаќин става црвени теписи, ги угостува…

Денеска дојде Аналена Бербок, германска министерка за надворешни. И таа како и сите досегашни гости ни соопшти дека и мисли се најдобро на Македонија и македонските граѓани и дека сега само треба Уставот да се смени.

-Европската Унија вети и ќе остане на зборот – чекорот што сега треба да се направи е да се спроведат уставните измени, порача Бербок.

Таа на прес-конференцијата со македонскиот министер Бујар Османи потенцира дека зад овој процес треба да застанат сите партии и учесници.

– Сега кога станува збор за спроведување на договореното и кога навистина мора да се промени Уставот, тогаш можам само да ве охрабрам, не само како претставник на Владата туку до сите демократски партии и учесници им се обраќам: искористете ги сите расположливи средства за процесот да може да продолжи во следните месеци. Да не се случи да не успеете во овој клучен момент, вели Бербок.

Таа додаде дека со промената на Уставот пристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ ќе можат и официјално да започнат.

– Уставот не е нешто што се менува постојано и за ова прашање не треба да се водат црно-бели дебати. Тоа се важни чекори и затоа можам и да разберам дека се дебатира за ова прашање, особено кога станува збор за сопствениот идентитет, историја, јазик и култура. Тогаш, во општеството и во политиката станува сериозно, затоа е важно за вакви прашања да не се водат црно-бели дебати. Договорот од Преспа со Грција и мачните дебати кои му претходеа на овој договор покажаа што можете да направите ако се преземе политичка одговорност, рече Бербок.

Ќе има ли кон нашата земја во иднина и други ултиматуми од страна на ЕУ или од нејзини членки, не беше разјаснето. Не е познато и кој ќе биде следниот дипломат што ќе дојде во Македонија за да ни каже дека сега е „клучниот момент“ за приближување кон Брисел.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: 9 пратеници од СДС не сакаат да гласаат за уставни измени, 1 од ДУИ бара пари
Следна вестМладата македонска ракометарка Ива Младеновска потпиша за францускиот Брест Бретањ