И пројде половина мандат: Ќе стигне ли Арсовска да ги реализира крупните ветени проекти?

Што доби Скопје до сега од моменталната градска власт? Има ли шанси да бидат завршени барем дел од покрупните ветувања до крајот на мандатот во 2025-та година?

Мислам дека градоначалничката Арсовска до крајот на мандатот нема да ги реализира ветените проекти. Времето и поминува, а не гледаме никакви полезности, смета Вера Андоноска

Скопје e град со многу проблемиЗа жал, тие се уште чекаат да бидат решени. Чека проблемот со јавниот превоз, со големата нехигиена, со губењето на градското зеленило, со загадениот воздух, со немањето нови сообраќајници, канализација… И сега наеднаш главниот град на Македонија добива чест да биде Европска културна престолнина во 2028г. Па кој ќе го одработи тоа, може ли да се спастри градот до тогаш?

Новата градска власт всушност одамна не е нова. Поминаа две години од кога ги слушавме ветувањата на сега веќе избраната градоначалничка Данела Арсовска. Ветуваа и партиите кои се во Советот. Ама еве половина од нивниот мандат истекува. Што доби метрополата до сега од оваа градска постава? Има ли шанси да бидат завршени до крајот на мандатот во 2025-та година дел од покрупните ветувања?

Лесни ветувања тешка реализација

По изборите и по ланскиот конфликт во Советот на Скопје сите се колнеа дека ќе работат во интересот на градот и дека ќе се подржуваат проектите во интерес на граѓаните. На скопјани им беше ветено многу од страна на Арсовска: 5 нови мега-паркови, 5 нови булевари, гасификација на градот, 250 нови еколошки автобуси, бесплатен јавен превоз, сообраќаен коридор „Мавровка“, најдобар Луна парк на Балканот, зелен спортски кеј од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, зелен коридор – Серава и Лепенец, нов објект за Скопски саем, жичарница од Скопје до Средно Водно, нов ГУП, Универзална сала, мост меѓу Маџари и Лисиче, нова градска библиотека, нова гимназија, садење на 100.000 дрвја секоја година… Ќе се направат до крајот на мандатот овие работи?

Скопјани почнуваат да се скептични:

-Не сум задоволна од реализацијата на ветените проекти. Убедена сум дека нема да се реализираат ниту до крајот на мандатот. Ни се случи грешка со претходниот градоначалник Петре Шилегов, сега грешка со Данела Арсовска, а кој плаќа – скопјани, ни вели Слободанка Таушанова.

Граѓаните и по две години уште не знаат каков концепт на јавниот превоз ќе има во градот, односно, што ќе донесе „ревидирањето“ на системот БРТ кој го форсираше нејзиниот претходник Шилегов. Додека се чека новиот концепт Арсовска постојано бара од советниците да и одобрат задолжување од 10 милиони евра за набавка на нови автобуси, а тие тоа го одбиваат. Ветувањето за големата набавка од 250 еколошки автобуси и за бесплатен јавен превоз веќе и не се споменуваат. Реконструкција на Универзална сала и се предаде на Владата. Но, зарем и другите ветени објекти на некој друг ќе му се дадат?

– Мислам дека градоначалничката до крајот на мандатот нема да ги реализира ветените проекти. Времето и поминува, а не гледаме никакви полезности. Не работи како што треба. Посебен проблем е јавниот превоз за кој покажа неспособност, смета Вера Андоноска.

Градоначалничката Арсовска сепак, некои недостатоци ги поднаправи. На пример, реконструкција на делови од веќе постоечките улици: „Бутелска“, „Мит. Теодосиј Гологанов“, „Перо Наков“, „Скоевска“, „Славејко Арсов“, бул. АСНОМ, „Димо Хаџи Димов“, „808“, „Даме Груев“, тука е и конечното завршување на улицата „Есенинова“, кружниот тек кај „Хубо“, краци на улицата „Христифор Жерафовиќ“… Тоа е добро, но премалку за две години. Да, во учинокот и влегуваат и патеките во Градскиот парк, чистење на коритото на Вардар и на дивите депонии, субвенции за тротинети, велосипеди, за отстранување на азбестни покриви, почеток на работите на селски водоводи, обнова на спортски сали во неколку училишта. Но, се уште чека наследениот мост во Аеродром, чека продолжување на улицата „Васил Карангелески“…

Конфронтации врз грбот на граѓаните

Јавноста често слуша објаснувања од Арсовска дека причина за нереализираните проекти се опструкциите од Советот на Град Скопје, а советниците пак, тврдат дека нејзините предлози се необмислени. Седниците на Советот се претворени во размена на обвинувања и навреди и прашање е како ова важно тело ќе може да носи одлуки за проекти. Дилема е и кој го има мнозинството во Советот со оглед честите меѓупартиските и вантрепартиските пресметки. Така ќе биде до крајот на мандатот?

 -Секако дека конфронтациите во Советот се проблем за остварувањето на ветените проекти. Суштински, тоа е борба за распределба на провизии. Заклучок е дека меѓусебно се кочат заради алчност, а сето тоа е на грб на граѓаните, смета Методија Ристески.

Кога ќе дојде со смирување на состојбата и конкретна работа на градоначалничката и градскиот Совет? Главните проекти на градот и натаму ли ќе чекаат? Градоначалничката Арсовска веќе четири месеци се нема појавено на седница на Советот, а излезе и информација дека наскоро ќе формира сопствена политичка партија. Советниците, пак, треба повеќе да мислат на Скопје отколку на партискиот став. Го можат ли тие тоа? Веќе почнува втората половина од мандатот, да не заборавија на тоа? 

Се чека реализација на 5 ветувања

о Бесплатен јавен превоз

о Пет мега паркови и пет булевари

о 250 нови еколошки автобуси

о Најдобар Луна парк на Балканот

о Садење 100.000 дрва годишно

 До каде е средувањето на огромната администрација?


Се чека и правење нов Генерален урбанистички план на градот кој треба да го сопре урбанистичко насилство кое се врши низ Скопје. Лани заврши важењето на досегашниот. Тоа го отвора прашањето како ќе се изведуваат новите Детални урбанистички планови по скопските општини, но и крупни градски проекти? Некаква процедура на носење на нов ГУП со рок до 2023 година е започната, но отсуствуваат јавни расправи, нема нудење на концепти…

Нема промени ниту кај градската администрација и вработените во јавните служби иако е јасно дека бројката од над 15.000 вработени во градски и општински служби мора да се намали. Но, наместо тоа Арсовска најмногу прави проимени на директори на градските претпријатија: за две години се сменети дури 36 директори.

 

Претходна вестШто се случува со ветениот рај на ЕУ, Шведска стана лидер во криминалот
Следна вестЉубовта кон моторите ме направи најдобар машински техничар за возила, но тука нема да запрам…