Љубовта кон моторите ме направи најдобар машински техничар за возила, но тука нема да запрам…

Оваа машинска струка ја избрав и бидејќи сакам да го продолжам фамилијарниот бизнис, вели Никола кој бил прогласен за ученик на генерацијата

 Љубовта кон моторите била решавачка за 19-годишниот Никола Рисафoв од Свети Николе во изборот на занимањето. Но, и не само тоа, таа љубов била и поттик да стане одличен во школувањето и усовршувањето во скопското средно училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“. На крајот од школувањето бил прогласен за ученик на генерацијата. Никола, кој сега е машински техничар за моторни возила, ни вели дека е многу среќен и горд за освоената награда.

Тоа го постигнав со голем труд и дисциплина, а тоа го резултираат моите оцени и освоените први места на регионалниот и државниот натпревар по стручните предмети. Се трудев бидејќи, покрај љубовта кон моторите кои ми е и хоби, оваа струка ја избрав оти сакам да го продолжам фамилијарниот бизнис. Имаме сервис за автомобили кои што веќе датира повеќе од дваесет години. Со оваа работа прв почнал да се занимава дедо ми, а подоцна и татко ми. Мојата цел е да го продолжам тоа што го започнал дедо ми уште од своите рани години, ни објаснува Никола кој веќе сега знае многу тајни на автомеханичарскиот занает.

Патот сега го одведе кон Машински факултет во Скопје бидејќи смета дека со тоа ќе го крене семејниот сервис на повисоко ниво.

 Ги сакам моторните возила поради желбата да го научам целиот принцип на работа на возилото и да се надградувам во однос на тоа. Оваа желба е вродена во мене уште во најраните детски години, наведува тој.

 Никола е сосема свесен дека возењето на брзите мотори, на автомобилите, посебно од страна на младите е поврзано со опасностите од сообраќајни незгоди. Тој вели дека е посебно внимателен кога управува со моторот бидејќи, освен начинот на управувањето од страна на возачот, многу околности на сообраќајниците може да ја загрозат безбедноста на возачот и на совозачот. Од таа причина, тој упатува и порака до младите да не возат брзо и да бидат свесни за каква сериозна работа станува збор.

– Секој човек има различни сваќања за нештата, а јас сакам да упатам порака кон целата млада популација дека на секому треба да му работи свеста бидејќи во прашање се става човечкиот живот, нагласува Никола.

Младите да ги бираат овие струки

 На нашето прашање дали смета дека младите треба повеќе да ги избираат ваквите струки коишто се повеќе производни и стручни, Никола е дециден:

 Младите треба да избираат повеќе вакви струки бидејќи се доста поучни и интересни знаејќи дека поголем процент на младите покажуваат интерес во однос на моторните возила, вели тој.

Претходна вестИ пројде половина мандат: Ќе стигне ли Арсовска да ги реализира крупните ветени проекти?
Следна вестУбиен Офир Либштајн, израелскиот градоначалник кој во Битола организираше конференција за храброста на жените