Талентот помага, но неопходна е макотрпна работа за да освоиш медали за знаење


Како што стекнував сѐ повеќе знаења, имав се повеќе неодговорени прашања и така сосем природно мојата љубов кон науката растеше, вели младата талентирана физичарка Емилија која има бројни медали на меѓународни натпревари

Уште како мала почнала да се интересира за астрономија. Детската радозналост во текот на основното образование прераснала во љубов кон физиката и математиката. На тоа се надоврзале настапите на најразлични натпревари од кои, најчесто, се враќала со медали и признанија. Така беше и лани кога 18-годишната охриѓанка Емилија Николовска се врати од Јапонија со пофалница по учеството на Светската олимпијада по физика. Инаку, Емилија во 2022 година на олимпијадата освои бронзен медал.

-Македонскиот тим на Светската Олимпијада има сѐ поголем успех секоја година. Тоа секако, покрај нашиот труд, се должи на макотрпната работа на нашите ментори, членовите на Друштвото на Физичари, но и сѐ поголемото искуство, организирани подготовки и големата поддршка која ја добиваме. И покрај тоа што ресурсите кај нас се поограничени во споредба со некои други земји, професорите ги прават сите напори тоа да не биде пречка во нашето изучување на физиката. Самиот натпревар се состои од експериментален и теоретски дел (задачи). До сега сум подеднакво добра во двата, а поголемо задоволство ми претставува решавањето на експериментите, ни вели Емилија.

Со натпреварувања првпат се соочила уште во четврто одделение. Таа сега е во завршна година во Математичко-информатичката гимназија во Скопје. Во слободно време сака да готви, да оди на прошетки, да патува, да слуша музика…

Инаку, во фондот на нејзините награди се уште и 2 бронзени медали на Европската Женска Математичка Олимпијада, два бронзени медали на Балканската олимпијада по физика, бронзени и сребрени медали на Македонската математичка олимпијада и Математичкиот натпревар „Александар Блажевски – Цане“, како и први награди на националните натпревари по математика, физика, информатика и хемија…

-За успех најпрво е потребна цврста желба и решителност, целосно вложување во она што го работиме. А таква тема обично е нешто што ни оди, што ни е интересно од самиот почеток и немаме потешкотии кога целосно ќе се посветиме на него – што и значи дека сме талентирани во таа област. Значи, талентот помага во одбирањето на поле на изучување, а она што преостанува е макотрпната работа. Успехот не може да биде загарантиран ниту без талент, бидејќи никој не сака да работи нешто што му е тешко или не му се допаѓа, ниту без упорна работа, бидејќи нештата не се случуваат сами од себе и не може да се истакнеме пред другите не правејќи ништо, вели овој талент.

Нема причина да не се вратам во Македонија

Младата талентка вели дека би сакала да студира во странство. На прашањето дали по студиите би се вратила во Македонија Емилија ни рече дека тоа би го сторила.

– Нема причина да не се вратам во Македонија, доколку ми биде понудено соодветно работни место. Со постојаните патувања како резултат на натпреварите имав прилика да се запознам со  различни луѓе и култури, но сепак, никаде не ми беше како дома, вели таа.

Претходна вестХаос во САД: Тексас распореди тенкови, прати порака и до Бајден
Следна вестЦУК: Среде зима горат шумите и ниска вегетација