Можат ли неталентирани функционери да помогнат на талентирани ученици?

Кој ги води успешните држави напред? На кого таквите држави во иднина ќе се потпираат?

Одговорот е лесен – талентираните лица се водачи кон подобрата иднина на една земја.

Како е во Македонија? Има ли место за талентираните во раководните структури на земјата? Се мисли ли, и се помагаат ли младите таленти да се доразвијат?

А, нашава држава е полна со таленти во разни области. Има и многу деца, ученици кои освојуваа разни медали по знаење низ светот. Да, да има, само за тоа медиумите малку пишуваат. На многу научни олимпијади (по математика, физика, хемија…) македонски деца добиле медали.

Многу труд вложуваат таквите деца. Многу труд вложуваат и нивните ментори и родители. Секоја чест за тоа.

Колку труд вложува државата за ваквите таленти да може да се доразвијат, да напредуваат – за да еден ден ја водат македонската наука, индустрија, па и целото општество напред? Има ли образовниот систем стратегија како да работи со талентираните? Им се овозможуваат ли услови за работа барем приближно на исто ниво како на сличните деца во регионот?

Да, ова се прашањата со кои треба посериозно да се бават скапо платените функционери во Министерството за образование. Често слушаме како младите таленти сами си бараат спонзори за да може да се подготвуваат и потоа да учествуваат на натпревари.

Да, јасно е дека неталентирани тешко можат да помогнат на талентирани, ама сигурно има и во министерството по некој талент, а и оние другите барем можат да препишат што прават посериозните држави околу ова прашање. И потоа, треба препишаното ревносно да се спроведува и полека, полека талентираните да доаѓаат на местата на неталентираните.

Во спротивно…

Претходна вестДенеска заседава Советот за безбедност
Следна вестМакедонски камионџии криеле евра во чорапи, сакале да ги изнесат од Македонија