Воведената такса за руски гас од страна на Бугарија ќе предизвика поскапување на струјата во Македонија до 20 проценти. На ова денеска укажа премиерот Димитар Ковачевски кој рече дека за ова е предупредено до Европската унија. Тој смета дека таксата не треба да биде воведена и тој став и го пренел на и на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.
-И јас и министерот за економија реагиравме во ЕК, јас преку претседателката на Европската комисија, тој преку соодветните директорати, дека оваа такса е нешто што не треба да биде воведено. Целокупниот капацитет на влезната страна кон Северна Македонија му е даден од страна на Бугарија на ‘Газпром’, што значи дека ваква такса ќе предизвика зголемување на цената на електричната енергија и на затоплувањето кај нас до 20 проценти. Затоа побаравме да се ослободи капацитет за да може Северна Македонија да набавува гас од други извори за гас, кој нема да биде руски и нема да биде дополнително оптоварен со оваа такса, рече премиерот Ковачевски.
Тој извести дека во моментот се водат разговори и на ниво на Европската Унија и со Бугарија со соодветното министерство за да се ослободат капацитети за Македонија. Ковачевски потсети дека минатата година во преговори, исто така со Европската комисија и во Бугарија, успеале да ослободат капацитет за набавка на гас кој не е исклучиво во сопственост на „Газпром“ и се надева дека и оваа година ќе успеат да се договорат.