И субвенциите за чистење оџаци понудени предизборно, откако прво беа отворени тие за велосипеди и електрични тротинети и за инвертори. Особено за последните, скопјани се чудеа и реагираа на социјалните мрежи зошто се пуштаат среде лето, кога инверторите беа најнеопходни во зима заради борбата со загадувањето.
Што се однесува до субвенционирањето на чистење на оџаци бројката на до сега пријавени е многу мала, односно само 56, па Град Скопје вчера потсети дека повикот е отворен и апелираше до скопјани да аплицираат. Со оваа мерка е предвидено Градот да надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на главниот град. Изминатите години субвенцијата беше во износ најмногу до 1.000 денари.
Уште неколку прашања ги мачат скопјани: зошто наместо да се делат субвенции, од кои оваа за оџаците е и поголема од лани, средствата не се пренаменеа за борба со корона вирусот? Дали скопјани ќе му се налутеа на градоначалникот Петре Шилегов ако одлучеше не само предизборно туку и воопшто да не ги троши парите за субвенции туку да и помогне на здравствената криза? Наместо државата да бара донации од своите граѓани и покрај фактот што илјадници луѓе останаа без своите работни места…
Добро, еве и оџаците треба да се чистат, ама зошто не во август, туку сега пред избори?