Имав мотив повеќе со мајчиниот влашки јазик да станам и најдобра по македонски јазик

 

Имаше предмети кои не ми беа интересни и таму морав да вложам поголем труд, повеќе време за да добијам петка… и ги добивав.  Па, ова нека е пораката: секој труд дава резултати, без разлика на талентот, потенцира талентираната Ангела Кранго

 Нејзиниот пример како да ја потврдува теоријата на многу лингвисти кои велат дека децата кои до 7 годишна возраст растат со два јазика имаат поголем капацитет во изучување, воопшто, на јазици. А се работи за следното: доскорешна матурантка во скопската гимназија „Орце Николов“ Ангела Кранго која потекнува од влашко семејство и на која влашкиот јазик и е мајчин на ланското полагање на испити по Државна матура постигна најдобар резултат и беше прворангирана во Македонија по предметот македонски јазик и литература. Таа меѓу сите средношколци постигна највисок перцентилен ранг од 100 перцентили. Инаку, таа и по сите други предмети постигнала одличен успех што доволно зборува за нејзиниот талент и желба за учење.

Ангела сега е студент на прва година на Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство. Таа ни вели дека и самата била изненадена од постигнатиот резултат.

-Знаете, да бидете различен во нашето оштество не е секогаш добро прифатено. Јас, од најмала возраст, растев во билингвална средина и веќе на возраст од 5 години, наизменично се префрлав од еден јазик на друг. Сè  уште се сеќавам на несоодветните реакции од страна на некои мои врсници и некои  педагози кога ќе слушнеа дека сум Влаинка, но за среќа тие беа малубројни. Да, тој однос ме фрустрираше, но ми даваше и мотив повеќе да се трудам повеќе и да докажам дека моето различно потекло е предност, а не недостаток. Се трудев да не бидам подолу од моите врсници на кои македонскиот јазик им е мајчин јазик и како резултат на тоа во основното образование освоив неколку државни награди. Изгледа премногу се потрудив!, ни вели Ангела.

По матурирањето таа се двоумела околу изборот на новата професија – меѓу информатички технологии и микробиологија. Изборот паднал на првото.

-По практични ми се чинат информатичките науки, нивниот брз развој и нивното продирање во сите сфери на општественото живеење како можност за нивна примена во многу подрачја ми се видоа како поголем предизвик. Сметам дека имам и практичен дух, па решив да го спојам убавото и корисното. Оваа професија ќе ми отвори нови врати  и можности, а моите јазици, влашкиот и македонскиот, секако, остануваат значајни во мојата иднина и ќе се обидам да ги спојам со информатиката, потенцира Ангела.

За неа талентот е нешто што секако е битно за успех, но без труд, посветеност и работа нема резултати.

-Талентиран ученик кој истовремено и се вложува полесно ги остварува добрите резултати, но може да постигне одличен успех можеби со поголем труд, поголема посветеност… Имаше предмети кои не ми беа интересни, не ги сакав, и таму морав да вложам поголем труд, повеќе време за да добијам петка… и ги добивав.  Па, ова нека е пораката: секој труд дава резултати,  без разлика на талентот!, нагласува оваа млада  талентка.

Нема услови за подобрите или оние со потешкотии

Ангела смета дека нашиот систем не дава можности за напредување според можностите и интересот.

-Нема услови ниту за подобрите ниту за тие кои имаат потешкотии од различни причини. Системот креира само медиокритети. Да, формално има програми за додатна и дополнителна настава но, ретко се реализират. Нема некои мотивациони програми кои ќе ги поттикнат послабите ученици да се вклучат посериозно во наставата ниту пак методи со кои ќе се даде можност на поуспешните да си ги зголемат своите компетенции и да си ги прошират своите знаења во подрачја за кои покажуваат интерес, потенцира таа.

Претходна вестСкопје викендов е домаќин Дијамантскиот куп на Светската бодибилдинг федерација
Следна вестЧетири лица приведени за изборен поткуп, в џеб имале 121 илјада денари