Јавниот обвинител Јовески не се сомнева во синот на Џафери и во сопругата на Абази

Не гледам причина да се фрла сомнеж во изборот на синот на претседателот на собранието Талат Џафери и на сопругата на Ислам Абази, раководителот на ОЈО ГОКК кои ги исполниле условите да бидат избрани за судии и јавни обвинители. Ваков е став на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески откако тие, како и повеќе други деца, сопруги и роднини на политичари, судии, обвинители, вчера и официјално добија дипломи за завршена Академија за судии и обвинители.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јовески денеска истакна дека тие учествувале на огласот за упис во Академијата на судии и јавни обвинители и покажале соодветни резултати.

-Лицата кои ги спомнувате учествувале на огласот за упис во Академијата на судии и јавни обвинители на кој има многу строги критериуми, покажале соодветни резултати и биле примени во Академија, со успех ја завршиле и според тоа јас апсолутно не гледам никаква причина да се фрла сомнеж на овие млади луѓе. Вчера беше нивната промоција во салата на Врховниот суд. На овие млади луѓе им ја предочив одговорноста со која се соочуваат и носењето на судскиот и обвинителскиот товар, изјави Јовески за ТВ 21.

Тој потенцира дека на овие луѓе треба да им се даде шанса поради нивнто соодветно образование и сите законски услови што ги исполнуваат за да можат во соодветна постапка да бидат избрани за судии и јавни обвинители.

-Тие се уште не се избрани. Советот на јавни обвинители имаше распишан оглас, јас немам податок кој се има јавено на овој оглас, вчера разбрав дека Судскиот совет распишал оглас за пополнување на празни места во судовите во државата, рече Јовески.

Во јавноста имаше бројни негативни реакции откако се дозна дека во седмата генерција на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ има синови, ќерки, снаи и сопруги на функционери, актуелни и поранешни обвинители и судии..  На списокот е и синот на собранискиот спикер Талат Џафери, Барлет Џафери, кој се споменуваше лани кога од Антикорупциската комисија објавија дека тој се здобил со право да полага правосуден испит пред да ги исполни потребните критериуми, односно да магистира и да се стекне со стаж од најмалку една година. На оваа листа е и Абдулена Абази, кандидатка за јавен обвинител и сопруга на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, поради која тој се повлече од Управниот одбор на Академијата, каде беше предложен од Советот на јавни обвинители. Меѓу положените е и снаата на генералната секретарка на Собранието Цвентанка Иванова, сопругата на градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски, ќерката на пензионирата обвинителка Гордана Смаќоска, синот на поранешната обвинителка од СЈО, Елизабета Јосифоска, како и синот на судијата од скопска Апелација, Енвер Беџети, за кој Судскиот совет проверува зошто многу време го чувал во фиока случајот за масовното прислушување..

И директорката на Академијата, Наташа Габер-Дамјановска тогаш изјави дека нема ништо спорно, бидејќи сите кандидати поминале низ опсежна обука и тестирања.

– Јас длабоко верувам дека секој човек без разлика кое му е презимето си го покажува својот интегритет и професионална работа индивидуално, секое лице е одговорно за сопствените постапки и неговата работа, така да без разлика дали му е презимето познато или непознато ќе ги видиме овие млади луѓе како ќе ја извршуваат во иднина својата работа. Мислам дека треба да бидеме фер и да им оставиме простор да го видиме нивниот реален пероформанс, рече тогаш Габер -Дамјановска.

Претходна вестЌе загубат ли Јордан Мијалков, Тодор Александров, Кензо Танге, Ѓорѓи Колозов… улици во Скопје?
Следна вестСоветот на Скопје не и ја отстапи Универзалната сала на Владата