ЈСП треба да вози по скопските улици, а не по нервите на скопјани

Градскиот јавен сообраќај на Скопје има многу работи кои мора да се подобрат. Со години се констатира ова и од скопјани и од самиот Град Скопје. Ама некако анемично се работи за проблемите да се намалуваат.

И во една таква ситуација, најголемиот скопски автобуски превозник ЈСП „Скопје“ вчера повторно, по вторпат, не ги доби субвенициите од околу два милиони евра од Советот на Скопје кои му се потребни за плати и тековно работење. Мнозинство советници предводени од оние на ВМРО-ДПМНЕ и на нивната коалиција, одбија да гласаат за исплатата на овие средства откако на говорницата актуелниот директор Крсте Петревски им образложи за кои трошоци им се потребни толку пари, а советрниците беа незадоволни од објаснетото.

Директорот кажа дека средствата се потребни за нафта, за електична енергија, метан, повремени услуги на агенцијата за вработување, исплата на кредити, делови…. Но, доби реплика од Малиша Станковиќ, советник од СПМ, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

-Уште на 12-ти декември минатата година Советот донесе одлука да се достави извештај за севкупното работење на ЈСП „Скопје“. И тогаш како Совет даде рок од седум дена да биде доставен тој извештај. Година дена подоцна односно дали советниците добија извештај. Не! Ги добиваме про-форма извештаите кои законски одат тромесечни, шестмесечни, деветмесечни и на крај годишни. Во првото тромесечие има една форма на извештај, а во второто тромесечие друга форма. И фалат ставки за да не може до крај да се види точно каде идат и како се трошат предвидените средства, укажа Станковиќ.

И ката. Парите не се префрлени во ЈСП. Како натаму, без овие дотации, ќе се одвива функционирањето на градското претпријатие кое е еден вид на сообраќаен крвоток на Скопје – сега е неизвесно.

Можно ли е да се загрози функционирањето на јавниот градски превоз? Се брза ли со делување од сите чинители за да не се случи тоа?

Очигледно станува дека има проблем во комуникацијата и односите меѓу Советот на Скопје и ЈСП „Скопје“. Основачот и советниците бараат детални извештаи за тоа каде и како се трошат дотациите кои секоја година се во милиони евра. Зошто ЈСП не ги испраќа деталните извештаи, или зошто, пак, тие што се пратени не се по вкусот на советниците? Да не има тука премногу политика?

ЈСП со години се доведуваше во ситуација да мора да чека на исплата на дотациите за да може да функционира. Никако не го направија самоодржливо или пак што е можно понезависно од големи дотации. И сега уште ова фали – да има трзавици околу дотациите.

Ако на сето ова кумуваат и влошените односи меѓу актуелната градоначалничка Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, но и честите смени на директорите во ова јавно градско претпријатие што ги прави градоначалничката – тоа мора да престане.

Интересите на градот и на граѓаните да имаат редовен превоз се над интересите на партиите и на градоначалничката. Треба ли пак да се случи граѓаните да останат без превоз и со маки како да се транспортираат и потоа прекуноќ да се гласа на Советот за да не се случи штрајк, а, всушност, главните проблеми да останат нерешени?

Па, Скопјани очекуваа дека ќе добијат бесплатен превоз, нови автобуси…, а ваму излегува дека…

ЈСП треба да вози по скопските улици, а не по нервите на скопјани.

 

 

Претходна вестОва се најскапите градови за живеење во Германија
Следна вест„Ова не е ваш хотел“, мајка во Италија ги тужела синовите затоа што не сакале да се иселат од дома