Ќе се отворат прозори или ќе се затвораат врати во училиштата?

Три дена пред почетокот на второто полугодие. Се уште лебди прашањето во јавноста – како ќе се изведува наставата.

Владата неодамна реши наставата во основните и во средните училишта да биде со физичко присуство на учениците, со носење на заштитни маски и со почитување на протоколите за заштита. Но, тоа не стави точка на дилемите бидејќи вчера најголемиот синдикат на вработените во сферите на образованието, науката и културата СОНК побара преиспитување на оваа одлука.

метаме дека одреден временски период, на пример две недели, наставата да биде онлајн. Потоа да се согледаат состојбите од ширење на вирусот и доколку е во надолна линија, да се направи проценка и да се види дали постојат услови за физичко присуство, изјави првиот човек на СОНК Јаким Неделков.

Од страна на надлежните досега нема одговор на ваквото барање на синдикалната организација во која членуваат најголемиот дел од наставниците во Македонија. Истовремено, од страна на СОНК не беше кажано како ќе регираат доколку нивното барање не биде прифатено и се инсистира на физичко присуство на учениците.

Јаким Неделков денеска укажа и на апсурдност да се применуваат мерки за заштита во ситуација кога надвор е исклучително ладно време. Тој посебно ја искритикува мерката со отворање на прозорци во училиштата за време на настава на минусни температури.

Има Закон за безбедност и здравје при работа. Работодавачот мора да обезбеди услови за работа. На вакви минусни температури е апсолутно неприфатливо, нехумано е и спротивно на законот да се работи на температура под 18 степени. Наставниците треба да си ги знаат сопствените закони за себе да се заштитат, но и своите ученици. Затоа се тука и наставниците да си ги остваруваат сопствените права, рече првиот човек на СОНК.

Што ќе се случува во наредниве денови останува да се види. Ќе се отвораат прозори или ќе се затвораат врати?

Претходна вестКонечно го поправиле дефектот на базенот во Карпош, а кога ќе прават нови?
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Јанчева и Шилегов во кафеана за неколку часа потрошиле 91.560 денари