Конечно го поправиле дефектот на базенот во Карпош, а кога ќе прават нови?

По десет дена откако беше затворен базенот „Борис Трајковски“ од утринава повторно е отворен за пливачите. Причината за затворањето беше дефект во системот за загревање кој конечно бил поправен

 Дефектот е саниран, изминативе денови успеавме да ја загрееме водата до тоа потребно ниво за употреба на рекреативните и професионалните пливачи, така што се е вратено во нормала. Дефектот се случи во лош момент кога се затвори базенот во Куманово и големото корито на Олимписки базен, изјави денеска директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Александар Петровски за „Утрински брифинг“.

Тој ги демантира информациите дека се работело за намерно затворање на базенот со цел да се заштети електрична енергија во услови на актуелна енергетска криза во земјава.

Сепак, на виделина излезе проблемот со недоволен број на базени во Македонија за потребите на пливачите, посебно на спортистите и клубовите. Напоредно со овој беше затворен и базенот во Куманово, со што спортистите од целата земја, практично, можеа да го користат само малиот базен во скопскиот базен „Центар“. Тоа предизвика и бројни рекации на граѓаните и спортистите.

-На толкав град само два базена и тие да не се функционални. Навистина е во прашање незаинтересирано однесување. Навистина е жално што во главен град немаме каде достоинствено да пливаме и спортуваме. И не само децата и спортистите, тука е голема група на рекреативци, реагираа граѓаните по социјални мрежи.

Зошто во Скопје се уште не се изградени нови базени? Минатата гарнитура на скопски и општински градоначалници во своите програми ветуваа изградба на бројни базени по градот. Најмногу вети поранешниот градоначалник на Карпош Стефан Богоев – вкупно три нови базени. Во општина Ѓорче Петров поранешниот градоначалник Александар Наумоски ветуваше изградба на два базени, во Гази Баба тогашниот градоначалникот Борис Георгиевски даваше гаранциии дека ќе биде направен нов отворен базен во рамките на СРЦ „Хиподром“… Но, од тоа малку што е реализирано. Наместо тоа, проектите за нови базени ги води државната Агенција за млади и спорт. Нејзиниот директор Наумче Мојсовски деновиве изјави дека тие реализираат проект за изградба на 14 затворени базени низ државата, меѓу кои во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Чаир, Карпош, Тетово, Кичево, Битола, Струга, Кавадарци, Прилеп.

-Базените во Штип, Кичево, Битола, Ѓорче Петров и во Кисела Вода се при крај, додека базените во Карпош , Чаир, Струмица и во Кавадарци, наскоро ќе почнат да се градат, информира Мојсовски.

Сепак, неизвесно е кога конечно ќе бидат завршени овие базени, посебно кога ќе почнат да се градат останатите. До тогаш, македонските пливачи ќе мора да стравуваат за тоа пак да не се расипе некој дел во базенот „Борис Трајковски“ со кого управува државата. А ако се случи тоа, пак ќе мора да пливаат на „суво“. 

Претходна вестМоже ли Македонија и понатаму да издржи скапи апанажи?
Следна вестЌе се отворат прозори или ќе се затвораат врати во училиштата?