ВМРО-ДПМНЕ: Јанчева и Шилегов во кафеана за неколку часа потрошиле 91.560 денари

Несовесно трошење на парите на скопјани се направило на предновогодишна забава, посочи денеска ВМРО-ДПМНЕ. Имено, поранешната претседателка на Советот на Град Скопје Љубица Јанчева и поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов со пари на скопјани се гоштевале со скапи јадења и пиеле алкохолни пијалаци стари 12 години, обвини портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Таа објасни дека на предновогодишна забава Јанчева и Шилегов потрошиле 91.560 денари, на фактура потпишана од Јанчева, а платена од Град Скопје, од парите на скопјани.

-Од документот со потписот на Јанчева се гледа дека на два дена пред Нова година таа и Шилегов потрошиле 91.560 денари. Шилегов и Јанчева за еден ден во кафеана потрошиле шест минимални плати. За еден ден, за неколку часа во кафеана тие потрошиле пари со кои можеле 6 семејства да го поминат месецот.

Од фискалната сметка се гледа што порачувале Јанчева и Шилегов. Додека половина милион луѓе живеат во исклучително тешки услови, Љубица Јанчева и Шилегов пиеле ексклузивно виски ‘Џони Вокер’ барикирано 12 години, виски ‘Џејмисон’ и ‘Џeк Дениелс’, но и ‘Чивас Ригал’.

Ова специјално друштво имало и специјална порачка од кујната во висина од 60.000 денари, без спецификација што содржела таа порачка. Посебна сметка имало и за Петре Шилегов, кој порачал бифтек на путер од 2.400 денари една порција, посочи партиската портпаролка.

Претходна вестЌе се отворат прозори или ќе се затвораат врати во училиштата?
Следна вестШто им кажал Пендаровски на Македонците од Бугарија и што за нив ќе му каже на Радев?