Темен режим Режим на светлина

Што им кажал Пендаровски на Македонците од Бугарија и што за нив ќе му каже на Радев?

Конечно денеска се случи одложената средба на Претседателот Стево Пендаровски со претставници на ОМО „Илинден“ и претставници на неколку други здруженија на Македонци од Република Бугарија.

Во официјалното соопштение од средбата кое е објавено на веб-страницата на Претседателот на државата се наведува дека тој бил информиран за нивните активности.

-Претставниците на здруженијата го информираа претседателот Пендаровски за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество, се наведува во информацијата.

Во соопштението се додава дека во однос на дијалогот со Бугарија, претседателот Пендаровски оценил дека почнува нова фаза, а двете страни искажуваат волја во насока на напредок на процесот.

-Претседателот Пендаровски смета дека е значајно секоја политичка институција во двете држави да даде свој придонес за решавање на отворените прашања, соопштува Кабинетот на шефот на државата.

На средбата претседателот Пендаровски информираше дека наскоро ќе оствари официјална посета на Република Бугарија, каде ќе има разговори со претседателот Румен Радев.

-Претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија е насочена кон развивање на добрососедски и пријателски односи со Република Бугарија, во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година, се наведува на крајот од соопштението.

Што друго Пендаровски им кажал на Македонците од Бугарија околу нивниот проблем со неможноста да регистрираат здруженија и што ќе му каже на бугарскиот претседател Радев во врска со тоа, не стои во соопштението.

За потсетување, постоењето на македонското малцинство во Бугарија категорично се отфрла од страна на бугарските власти и покрај повеќе пресуди на Европскиот суд за човекови права кој бара да се овозможи регистрација на организации на Македонците во оваа соседна земја. 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

ВМРО-ДПМНЕ: Јанчева и Шилегов во кафеана за неколку часа потрошиле 91.560 денари

Следна објава

Османи побара консензус, но не и покажа на опозицијата документи што се преговара со Бугарија