Со години на Водно гради скоро кој ќе посака. Дури и огромни згради почнаа да „планинарат“ по падините. Сите власти ветуваа дека тоа ќе го спрешат, ама…
Овој пат најава за спасување на Водно од нови градби дава градоначалникот на Центар Горан Герасимовски. Ќе сториме сѐ во рамки на можностите за да ги сопреме градбите на Водно кои се надвор од законот, порача граодначалникот на средба со граѓаните. Тој иницира средба со жителите од улиците „Питу Гули“, „Козара“, „Салвадор Аљенде“ и околните улици, на која е разговарано за решавање на проблемите со новите градби на Водно и заштитата на парк шумата.
– На средбата со граѓаните на Водно, им понудив заедничка соработка и увид во документацијата за ДУП-от Ј 07, која ќе биде достапна за претставниците на жителите од овој дел од Центар. Нашиот заеднички интерес е заштита на зелениот појас и ние како општина, ќе сториме сѐ во рамки на можностите за да ги сопреме градбите кои се надвор од законот. Затоа и барам внимателна анализа и од страна на жителите. Исто така, на оваа средба ги повикав граѓаните да ја пријават секоја нова градба за која сметаат дека е надвор од законските прописи, потенцираше Герасимовски.
До средбата дојде откако граѓаните испратија барање да се изврши вонреден инспекциски надзор во извесни релови на Центар. Граѓаните реагираа откако кон крајот на минатата година на падините на Водно на месноста Големо Курило почна да се сече шумата и да се расчистува теренот за изградба на нов голем објект. Граѓаните дознале дека ќе се гради објект со два ката под земја и 4 над земја и со предвидени 20 паркинг места, а што, според нив, е незаконски. За градењето треба да се пробие улица кај веќе постоечката слепа и да поминува во дворовите на поранешната вила на Тито и на едно семејство и да продолжи нагоре до спорните „Плацеви на Водно“ за кои се води судска постапка. Инвеститорот се повикува на одобрение за градба издадено од поранешниот градоначалник Саша Богдановиќ.
Но, ова е само еден од новите случаи кои предизвикуваат реакции на граѓаните и кои покажуваат дека узурпациите на Водно не запираат. Сега е на потег градоначалник на Центар да утврди дали се што таму се прави е врз основа на законот. Односно, дали ДУП-от кој е донесен во 2014 година е легалени со добри урбанистички решенија и дали е потребна ревизија на овој план.
Од друга страна, ова е само дел од проблемите врзани за заштитата на омиленото скопско излетиште. Владата лани донесе одлука за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје од петта категорија. Освен ова, се донесе и заклучок дека Владата останува отворена за дебата и сугестии во однос на предлогот за донесување на „лек специјалис“ за Водно како можност за дополнително унапредување на заштитата на Водно. Деновиве, пак, претставници на граѓански здруженија се сретнаа со скопската градоначалничка Данела Арсовска при што се зборувало за реализација на иницијативата на предлог Законот за заштита на Водно. Арсовска најавила дека е отпочнато со креирање на предлог решение за законски обезбедување заштита на Водно, со што е инициран Закон за заштита на Водно.
Дали сето ова ќе обезбеди и доволна и навремена заштита на Водно брзо ќе се покаже. До сега многу се зборуваше за заштита на Водно, ама на терен малку се правеше.


