Ќе имаат ли компаниите повеќе усул при ставањето профитни маржи?

Инфлација подолго време ја тресе Македонија. Прогнозата е дека таа до крајот на годинава ќе биде 9,1 отсто, што значи дека ќе биде пак повисока во споредба со другите земји и над европскиот просек кој во август годинава изнесуваше 5,2 отсто.

Загрижувачко!

Светска банка вчера кажа многу песимистички прогнози за македонската економија. Намалени се прогнозите за растот на БДП годинава на 1,8 отсто. Ќе биде најнизок меѓу земјите од Западен Балкан, а намалувањето на инфлацијата ќе оди потешко од очекувањата.

А песимизмот на светските банкари кога е во прашање порастот на цените имаше посебни причини: „ако до вчера инфлацијата беше предизвикана со надворешните фактори, сега се должи на домашните. На растот на цените најмногу влијаеле растот на платите во јавниот сектор, но и големата профитна маржа на компаниите на македонскиот пазар“.

Ова, се чини, е прво најдиректно поврзување на високите трговски маржи кои ги наплатуваат компаниите на македонскиот пазар со големиот раст на животните трошоци и опаѓањето на животниот стандард во Македонија. Толку многу ли претеруваат македонските компании што тоа го видоа и странците?

Министерот за економија пред некој месец, кога се носеа мерките со ограничувањето на маржите, откри дека трговци определувале маржи и од 200 до 300 отсто за одредени производи. Тоа само покажува колку некои од трговците немале милост кон своите купувачи и колку сакале брза и лесна заработка.

Ама сега таквата алчност станува и голем терет на целата држава оти ја подгрејува инфлацијата, од која, пак, страдаат сите. Потребно е, значи, да се стори се да не се дозволи високите маржи да делуваат така разорно во земјава.

Кој треба пред се да делува?

Прво државата со своите институции кои треба почесто да проверуваат, контролираат…, а и ако треба со административни владини мерки да се ограничуваат маржите, да се замрзнуваат некои цени.

Да, тоа се непазарни делувања, затоа како второ, треба да делуваат самите трговци и производители. Маржите со повеќе усул, со повеќе општествена одговорност, да ги ставаат.

Никој не вели дека трговците треба да се откажат од маржите, да се откажат од правото да заработуваат од својата работа, но состојбата е таква што се бара малку усул во определувањето на цените на пазарот. На таков начин ќе им помогнат и на државата и на граѓаните, а и тие на долг рок повеќе ќе добијат.

Подготвени ли се трговците – компаниите на тоа? 

Претходна вест63-годишник во воз допирал малолетно девојче, против него поднесена кривична пријава
Следна вестТројца скопјани искасани од кучиња скитници