Наближуваат изборни периоди во Македонија. Наскоро треба да се гласа кој ќе биде претседател на државата, а следат и парламентарните избори.
Опозицијата отвори тема дека треба да има предвремени избори – власта тоа не го прифаќа. Сега се отвора и нова тема – треба ли Македонија (ако се оди на редовен термин) во еден ден да гласа и за председател и за нов парламентарен состав?
Изборните рокови се јасни. Изборите за претседател на државата се одржуваат во последните 60 дена од мандатот на актуелниот шеф на државата. Мандатот на претседателот Стево Пендаровски истекува на 12 мај 2024 година, а што значи дека враќајќи се 60 дена наназад се доаѓа до 14 март, како почеток на рокот во кој треба да се случат избори за шеф на државата. Од друга страна, изборите за пратеници се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на сегашните. Актуелното Собрание се конституираше на 4 август 2020 година, па со враќање 90 дена наназад, се доаѓа до 7 мај како почеток на периодот во кој треба да се организираат редовни избори за пратеници.
Термините се навистина блиску. Излегува дека само во периодот од 7 до 12 мај има преклопување на роковите што значи дека има можности во тој период да се бара компромисен датум за двете гласања на граѓаните во еден ден. На тој начин се ќе се поедностави, ќе има еден предизборен кампањски рок и што е многу важно – ќе се заштедат околу 8 милиони евра – колку што од прилика чинеше до сега еден изборен процес.
Власта и премиерот Димитар Ковачевски се категорични во ставот дека изборите треба да бидат одделени и дека изјаснувањето на граѓаните треба да се случи на двапати. Гласањето во ист ден, пак, власта го условува со прифаќањето на уставните промени од страна на опозицијата, и со што веднаш би можело да се оди и на предвремени парламентарни избори заедно со претседтаелските. Наспроти ова, опозицијата бара да се гласа само еднаш бидејќи со тоа ќе се одбегнат непотребните трошоци.
Но, наспроти овие аргументи стојат други потреби: оние кои се врзани за потребата од државната каса да не се трошат непотребно милиони евра во време на длабока економска криза. Ако одржувањето на изборите во 2019 година чинело 7,5 милиони евра, тогаш за двете гласања вгодина ќе треба да се издвојат најмалку околу 15-тина милиони евра!? И не само тоа. Одржувањето на двете гласања во рок од само два-три месеци ќе значи и двојно водење на кампањи, застој во стопанството и други последици коишто вообичаено ги носи одржувањето на изборите во земјава. Практично, со опцијата на одржувањето на претседателските и на парламентарните избори во одвоени термини, Македонија би била на изборен колосек околу половина година.
Власта, но и опозицијата треба добро да размислат во правец на доброто на државата, а не со партиски калкулации.
Инаку, поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски на Фејсбук истакна дека нема причини изборите да се издвоени и денеска го објави прегледот на изборните процеси во Република Македонија во изминативе 33 години. Од него, се гледа дека дури во три наврати (односно во 1994, 2009 и 2014 година) се одржале два изборни процеси истовремено, а што значи дека тоа е можно и сега.