Кому и да му притреба – добива македонски пасош, ќе одговара ли некој за тоа?

Четири институции предложиле, Владата прифатила и украинскиот богаташ Олександр Онишченко добил македонски пасош. Таков е „институциналниот круг“ кој овозможил лицето кое избегало од Украина, кое е под обвинение поради проневера тешка 100 милиони евра, кое е на листата на САД на санкционирани граѓани, да добие македонско државјанство. Круг со многу агли – испадна работава.

Македонска Коњичка федерација предложила тој да стане македонски државјанин „во име на развојот на коњичкиот спорт“, а согласни или не се противеле Македонскиот олимписки комитет, Агенцијата за спорт и млади и Агенцијата за национална безбедност (АНБ). На крајот, никој од Владата не се посомневал во сето тоа иако за проверка било доволно едно кликање и пребарување на Интернетот.

И така, пасошот бил издаден, а Македонија поторно доби скандал со издавање на патни исправи на чудни ликови.

Кој е одговорен за ова? Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека одлуката ја донела Владата, но откако се добиени мислењата од сите релевантни институции.

-При издавањето на тоа државјанство биле прибавени сите позитивни мислења од сите релевантни институции согласно со процедурата. Врз основа на тие позитивни мислења Владата донела одлука да додели државјанство на Олександр Онишченко, изјави Ковачевски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, чија институција го издала пасошот, топката ја префрла кон Владата.

-Добивање државјанство по член 11 од Законот за државјанство, значи не е државјанство кое што го донесува МВР, туку Владата. МВР практично ги прибира сите документи. Станува збор за предмет којшто добил позитивни оцени од четири релевантни институции во државата. На крајот се носи на Влада, Владата има дискрециско право да даде или да одбие државјанство на кој било, којшто аплицирал во овој дел. Сите проверки кои што се од сите четири институиции се позитивни, изјави Спасовски.

А четирите институции кои го дале позитивното мислење молчат. Молчи најважната која требало да прави проверки Агенција за национална безбедност, а молчи и Агенцијата за млади и спорт, Македонски олимписки комитет… Веќе помина предолго време без тие да објаснат како било можно да се слушат вакви пропусти?

Тоа прашање мора да го постават премиерот Ковачевски, а и министерот Спасовски доколку немаат намера случајот да го „затворат“ со тоа што институциите дале предлог, а Владата го прифатила. Во случајот, одговорен мора да има бидејќи е очигледно дека не се направени сите потребни проверки.

Но, дали тоа и ќе се направи останува да се види. Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски за во среда е поканет да го објасни случајот пред собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.

Сите го паметиме минатогодишниот скандал кога беше откриено дека имало дури 215 издадени македонски пасоши кои гласат на имиња на македонски дравјани, а кои ги користат разни „проблематични“ типови од околните земји, но и од Јужна Америка. Овој случај доби некаков расплет со приведување на десет лица кои во МВР биле задолжени за издавање и одобрување на патните исправи. Но, кај јавноста и натаму остана сомневањето дека издавањето на македонските пасоши е полно со матни постапки кај повисоки инстанци. Случајот со украинскиот богаташ тоа сега само го засилува и крајно време е тоа да се стопира.

Зарем ќе се дозволи да дојде време кога македонски пасош може да добие кому и да му притреба?

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Афера „Паразити“, додека народот гладува директорот на М НАВ со плата од 5.528 евра
Следна вестОд полноќ дизелот поевтин за 2,5, а бензините за половина денар