Комисија на Јавно обвинителство: Имавме увид во 30-тина заведени предмети против Рамиз Мерко, обвинителите добија насоки како да постапуваат

Увид во вкупно 30-тина заведени предмети поврзани со актуелниот градоначалник на Струга Рамиз Мерко имала Комисија на државното Јавно обвинителство која вршела вонреден надзор во предметите поврзани со работата на Општина Струга. Во соопшението се наведува дека најстарите завршени постапки датираат од 2006 година, а дека се активни повеќе други предмети.

-ОЈО Струга води четири предмети против наведеното лице оформени од почетокот на годинава, а постапува и во 2 предмети во предистрага од 2021 година кои се однесуваат на конкретни проекти на Општина Струга. За други четири предмети во работа (2 од 2019 и 2 од 2022), јавните обвинители кои преземале дејствија добија укажувања и насоки со цел дополнително да се динамизира постапувањето. ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција има во работа вкупно 5 предмети (2 во РО и 3 во КО уписник). Меѓу нив е и предметот со спорната набавка на службени автомобили во Општина Струга, кон кој е приклучена и иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција и извештај на Државниот завод за ревизија, и во кој е донесена Резолуција за еден дел од наводите, меѓутоа останатиот дел се уште е предмет на проверки. На надлежниот јавен обвинител му се дадени насоки за натамошно постапување во овој предмет, се наведува во информацијата.

Членовите на Комисијата извршиле и директни разговори со јавните обвинители од кои побараа да се произнесат дали чувствувале какви било притисоци во постапувањето и дали се соочуваат со проблеми при водењето на постапките.

-Упатен е и апел до надлежните јавни обвинители за поголема ажурност и ги охрабрија да го пријавуваат секој обид да се компромитираат постапките што се водат во јавните обвинителства. На јавните обвинители уште еднаш им беше посочена и огромната важност за транспарентност и отчетност при водењето на сите постапки од интерес на јавноста, соопшти ЈО.

Случајот со струшниот градоначалник излезе во јавноста откако тој беше ставен на „црната листа“ на американскиот Стејт департмент. Тогаш се откри дека повеќе предмети врзани со него со години не добиваа никаков обвинителско-судски епилог.

Претходна вестПромовирана книгата „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“
Следна вестСтолтенберг: Украина ќе стане членка на НАТО, но во иднина