Промовирана книгата „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“

Во Офицерскиот дом во Битола се одржа промоција на книгата „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“ на авторот, тетовскиот историчар и публицист Бранислав Светозаревиќ. Промотори беа Наташа Котлар и Александар Јордановски. Ова е една збирка од над илјада сведоштва во последните две илјади години во кои се споменуваат Македонци на овие простори, за кои се смета дека се потомци на Александар и Филип, пренесува телевизија Тера.

– Задоволство ми е што имам можност и во Битола да ја претставам мојата книга која е посветена на сите знајни и незнајни Македонци низ вековите кои оставиле траги дека се Македонци, траги кои денес повторно не потсетуваат што треба да правиме како што вели Мисирков. Книгата е сублимат на голем дел досегашни сознанија и истражувања од македонската историска наука. Ова беше составување на камчињата на мозаикот со оглед на тоа дека во нашата држава беа направени многу монографии кои потсетуваат на името на државата, на јазикот, на црквата но на етнонимот немавме една така посублимирана студија која ќе ги обедини сите оние сознанија кои ги имавме досега, изјави Светозаревиќ.

Тој посочи дека книгата е создадена врз база на над 1000 документи и сведоштва од 32 постоечки и непостоечки држави од сите меридијани при што нашол документи во светските архиви што претставува неизбришлива трага за македонското постоење. Тоа се документи репрезентативни примероци со значење во својот период а некои од нив за прв пат се објавуваат.

Авторот е роден 1966 година, а научно истражувачката дејност ја изведува во областите на историјата, архивистиката, музеологијата и културата.

Претходна вестВо Германија ќе ве казнат ако возите пребавно
Следна вестКомисија на Јавно обвинителство: Имавме увид во 30-тина заведени предмети против Рамиз Мерко, обвинителите добија насоки како да постапуваат