Ковачевски со неколку министри летна за Обединетите Арапски Емирати по инвеститори

„Само да го смениме името, да влеземе во НАТО и ќе дојдат инвеститорите“, вака не убедуваа од Владата на СДСМ и ДУИ пред неколку години. Еве, сега сме во НАТО, ама некако инвеститорите како да не чуле за тој голем успех па не се многу залетани накај Македонија.

Затоа сега премиерот Димитар Ковачевски ќе оди кај инвеститорите. Тој заедно со министрите за финансии, Фатмир Бесими, за транспорт и врски, Благој Бочварски, и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, се во работна посета на Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати. Целта им била директна комуникација со инвеститори и средби со претставници на инвестициски фондови за подобрување на економската активност на државата во услови на најголемата светска економско-енергетска криза.

Од Владата информираат дека во рамките на посетата премиерот Ковачевски заедно со министрите ќе ги претстават нашите макроекономски политики, развојните цели во нашата земја, како и можностите за инвестиции. За таа цел, ќе остварат неколку билатерални средби со претставници на фондови, кои се продолжение на веќе остварена соработка се со цел да се постигнат конкретни резултати.

Ќе се дискутира за можностите за искористување на развојните фондови што по поволни услови инвестираат во проекти, и тоа во областите, инфраструктура, агробизнисот, туризмот и енергетиката со фокус на обновливи извори на енергија.

Што од сето планирано ќе успее македонската голема делегација во Абу Даби, ќе читаме во наредните владини соопштенија…

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ бара вонредна седница на Советот на Скопје за спас на јавниот превоз
Следна вестСтојко Стојков: Клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград ќе биде отворен и покрај забраната