Кравињо: Не очекувам повторно да се покрене билатералното прашање со Бугарија

Не очекувам билатералниот спор на Македонија и Бугарија повторно да ескалира во текот на преговорите со Европската унија, изјави денеска португалскиот министер за надворешни работи, Гомес Кравињо по средбата со македонскиот министер Бујар Османи во Скопје. Според него, ова прашање е заокружено, даден е збор и тој очекува земјата партнер во ЕУ (Бугарија) да го исполни тоа што потпишала.

-Од суштинско значење во меѓународната политика е да верувате на дадениот збор, на ставениот потпис и на преземената обврска. Билатералното прашање на Северна Македонија со Бугарија е заокружено, има за него заклучок и тоа беше забележано со меѓувладината конференција. Затоа, не очекувам ова прашање повторно да се покрене. Верувам дека другите земји партнери кога ќе дадат збор, ќе го исполнат. Ние соработуваме на најразлични прашања во ЕУ  и ако почнат блокади за тоа што е веќе договорено , ќе се запре работата, рече португалскиот шеф на дипломатијата.

Запрашан која е разликата меѓу францускиот и португалскиот предлог, кој беше оценет како поприфатлив за нашата земја, Кравињо порача дека во политиката целта не е да се постигне се, туку да се постигне – тоа што е возможно.

-Вложивме многу напори во текот на нашето претседателствување со ЕУ  за да составиме прифатлив предлог. Но, во политиката целта не е да се постигне се, туку да се постигне тоа што е возможно. Треба да го гледате хоризонтот, а не да се сконцентрирате само на актуелните случувања. Направен е многу важен чекор напред и договорот што е постигнат овозможува почеток на скринингот а потоа и на втората меѓувладина конференција, штом ќе заврши тој процес и штом се усвојат уставните измени, рече гостинот од Португалија.

Според него, сите земји имале тешки моменти во преговорите за членство во ЕУ,  но не гледа причина да има други блокади во процесот на пристапување на Македонија во Унијата. Тој му честиташе на македонското лидерство за одлуката што го отвори патот за преговори  нагласувајќи дека таа не беше лесна, но најави дека Портигалија на тој пат ќе продолжи да ја поддржува Македонија – и политички, и технички и на било каков друг начин. Кравињо дури изрази надеж дека билатералните односи со нашата земја толку ќе се зачестат и зајакнат што ќе научи да зборува македонски јазик.

Претходна вестРСБСП: Возачите да не возат кога се уморни и под дејство на алкохол  
Следна вестОпштина Илинден започна со изградба на пешачка патека во Миладиновци