Лани во Македонија имало шест убиства и 98 самоубиства, најмалку во последните 29 години      

Минатата година во Македонија се забележани 486 случаи од насилна смрт при што во несреќен случај умреле 382 лица, самоубиство извршиле 98 лица, а биле убиени шест лица, соопшти денеска Државниот завод за статистика. Тоа е значително намалување од 28,2 проценти во однос на 2021 година кога насилна смрт доживеале 677 лица. Умрените од насилна смрт учествуваат во вкупниот морталитет во земјава со 2,2 отсто. Најголем број на случаи на насилна смрт во Македонија биле забалежани во 1999 година кога имало 761 случај.

Статистичките податоци покажуваат дека лани во Македонија најнизок број на самоубиства и убиства доколку се споредуваат годишните податоци од 1994 година. Најмногу убиства во Македонија биле забележани во 2001 година – 131, а најмногу самоубиства во 2004 година – 179. Во 1994 година имало 128 самоубиства, и 33 убиства. Во 2021 година, пак, имало 105 самоубиства и осум убиства.

ДЗС соопштува дека лани, во структурата на умрените од насилна смрт според полот, како и во претходните години, поголемо учество имаат машките лица, и тоа 72,8 отсто. Во категоријата несреќни случаи, најголемо учество имаат умрените лица од други надворешни причини за случајна повреда со учество од 55,1 отсто во однос на вкупниот број случаи на насилна смрт.

Кај категоријата самоубиства, најголемо учество имаат случаите кај кои смртта настапила поради бесење, странгулација и суфокација, со учество од 12,3 проценти во однос на вкупниот број случаи на насилна смрт.

Во категоријата убиства, случаите кај кои смртта настапила поради обид за нанесување телесна повреда на неозначен начин учествуваат со 0,8 отсто во однос на вкупниот број случаи на насилна смрт.

Претходна вестМултимедијалниот уметник Глигор Кондовски вечерва настапува во Социјалниот центар „Дуња“
Следна вестТројца струмичани затекнати како одгледуваат марихуана, полицијата им одзеде 29 стебла