Тие, талентираните, треба да имаат третман на национално богатство, затоа што токму овие надарени личности се репрезент и најголемиот амбасадор на мала држава, смета професорката Димитриевска
Посебна стратегија, посебни тимови, дополнителни програми…, се она што е потребно за работа со талентирани ученици, смета Светлана Димитриевска, професорка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Таа веќе дваесетина години едуцира нови генерации наши музичари и успешно работи со талентираните ученици. Доказ за тоа се и бројните признанија кои нејзините ученици ги освојуваат на престижните натпревари каде конкуренцијата е мошне висока, наведува таа во краткото интервју.
Македонија има таленти, но дали и ги негува? Им се даваат ли услови за да си го развиваат талентот?
– Македонија е мала држава. Има таленти, но токму поради фактот дека сме мала држава, треба да имаме сериозна стратегија према талентите. Тие треба да имаат третман на национално богатство, затоа што токму овие надарени личности се репрезент и најголемиот амбасадор на мала држава. Нема конкретна стратегија, а со тоа немаат ни загарантирани услови за напредок и развој. Целокупниот развој е препуштен на лични, семејни контакти и финансии, но и на среќни околности, што секако е во доменот на случајноста.
Има ли Македонија стратегија за таленти? Што со талентирани личности?
– Македонија нема стратегија за талентите. Ние треба да имаме најразвиена стратегија, затоа што имаме помал избор, за разлика од големите држави со далеку побројно население. Талентирани личности се оние кои поседуваат особена дарба, способност, афинитети, интерес, кои со поголема брзина и леснотија ги усвојуваат знаењата за одредена област и излегуваат и ги надминуваат рамките кои се предвидени за нивната возрасна граница.
Што може да научиме од развиените земји? Како тие се однесуваат со талентираните личности?
– Треба да се навратиме на условите во образованието. Во средина, во која има 35 ученици во одделение, веќе не станува збор за стратегија. Талентот и развојот бараат во голема мера индивидуален и посебен пристап. Со толкава бројка на ученици, се оневозможува потребното време и внимание за талентираните ученици, што секако е случај кај нас. Секако и условите во училиштата, како и сите надгледни средства, методи, услови за размена на информации се на далеку повисоко ниво во развиените земји. Но, и таму има училишта кои нудат широк избор на предмети, кои се приватни и не секој може да си дозволи детето да му учи во таква средина. Во нашето опкружување, па дури и во развиените европски земји, третманот на талентите се занемарува.
Што е посебно потребно да се направи за стимулирање на талентите за да тие не пропаѓаат или, пак, да не заминуваат надвор?
– Пак би потенцирала, дека Македонија како мала држава треба да креира сериозна стратегија по ова прашање. Прво, треба да се детектираат. Потоа, треба да се формираат професионални тимови, од секоја област кои би работеле по дополнителна програма со талентите, би го следеле нивниот развој и би се грижеле за нивниот напредок, стимул и условите за истиот.
И секако, објективно вреднување на трудот, награди за вложувањето (може и во вид на пофалба). Битно е, тоа што вреди треба да се издвои, да се посочи да биде мотив за сите. За сето ова ќе треба засекогаш да се оттргнат желбите и влијанијата на одредени фактори (нереално амбициозни родители, партизираност во образованието, необјективни наставници и извори на какви било притисоци). И за крај, премногу недостигаат некогашните училишни секции, кои функционираа и во сабота. Меѓутоа, тоа веројатно било друго време, друг ентузијазам, елан…а денес тоа ни недостига. Сепак, со добро разработен план и стратегија, има надеж.