Македонски државјанин е осомничен од хрватската полиција за „неукажување помош“ затоа што не направил ништо за да му помогне на 51-годишен маж кого го нападнале две лица пред продавница во хрватскиот град Пула.
Во информацијата којашто ја објавува хрватскиот Јутарњи лист се наведува дека полицијата во Пула ги идентификувала напаѓачите кои во средата попладне тешко повредија 51-годишен маж пред продавница во населбата Перој во Пула. Приведени се 48-годишен државјанин на Србија и 33-годишен државјанин на Босна и Херцеговина, а против нив е покрената кривична пријава за нанесување тешки физички повреди.
Освен тоа, истражителите ги сомничат двајцата и за кривичното дело „неукажување помош“, за што е осомничен и 43-годишен државјанин на Македонија.
-Државјанин на Србија и државјанин на Босна и Херцеговина се осомничени дека на 12 октомври околу 16 часот и 50 минути пред продавница во Перој физички нападнале 51-годишен маж и му нанеле тешки повреди. Откако напаѓачите виделе дека нападнатиот е во лоша здравствена состојба, не му пружиле помош, со што дополнително му го загрозиле животот. Утврдено е и дека државјанинот на Босна и Херцеговина, откако повикал итна медицинска помош, не постапувал по инструкциите што медицинските лица му ги давале по телефон, додека државјанинот на Северна Македонија не направил ништо за да го спречи нападот врз повредениот, се вели во соопштението на Полициската управа на Истра.



