Малку градоначалниците градат во Скопје, а многу се караат кој градел

Кавги преку соопштенија деновиве постојано ечат меѓу скопската општина Бутел и Градот Скопје. На јавноста и се кажува кој што направил, кој исполнува изборни верувања, а кој се кити туѓи пердуви. До кога така?

Денеска градското претпријатие „Улици и патишта“ му порача на оштинскиот градоначалник Дарко Костовски „да не лаже повторно дека прави нов проект во случај на реконструкцијата на улицата „Александар Урдаревски““.

-Улицата е во надлежност на град Скопје, која по децениско барање на жителите, започнува да ја реконструира нашето Јавно претпријатие „Улици и патишта“, со целосно финансирање од страна на Град Скопје, соопшти ова градско претпријатие.

Претходно, градоначалникот на Бутел Костовски објави дека „уште едно ветување станува реалност“.

– Етапно во неколку фази се изведува реконструкцијата на улицата “Александар Урдаревски” или познатата коцка. Коцката целосно ќе замине во историја! Наскоро ќе започне уште една фаза од реконструкцијата на “коцката” исто така во заеднички проект со скопски плански регион и околните општини, најави Костовски.

Ова кавга само се надоврза на неодамнешната врзана со реконструкцијата на улицата „Радишанска“ кога, исто така, имаште „престрелка“ околу тоа кој ја правил. Се случи и кавгата околу тоа дали во Бутел ќе се гради сообраќајница „Боца Иванова“ којашто треба да помине преку дворовите кои граѓаните самите си ги оградиле и кои сега  бараат преместување.

Значи, кавга до кавга, а на што само се надоврзуваат оние во Советот на Град Скопје околу набавката на новите автобуси за јавниот градски превоз и околу бројни други нешта…

Граѓаните се ставаат во улога на арбитри коишто треба да решаваат чии сопштенија се поубедливи, кој е во право, а кој не!? А всушност скопјани имаат друг интерес – да почне повеќе да се гради.

Граѓаните повеќе би сакале да слушат како се реализираат и бројни други проекти коишто се ветени во изборните програми на двете страна, како по општините така и од Градот Скопје. Има многу проекти кои се уште чекаат и коишто се поголеми од реконструкции на веќе изградени улици. Речиси година и пол помина од мандатите. а главните проекти се уште им чекаат…

Претходна вестСтудент на генерација, татко на три деца, кој е Јаков Милатовиќ, противкандидатот на Ѓукановиќ на изборите во Црна Гора?
Следна вестКалин Ивановски со најдобар ранкинг на АТП-листата, рипна две места