Маричиќ е упорен: Скоро секој втор ден ни дава „датум“ за влез во ЕУ

Една од важните карактеристики на секој кој сака да биде успешен во својата работа е – упорноста. Успешен, многу сака да биде и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ. И мора да му се признае тој е прилично упорен во тоа.

Еве во последно време упорно и дава на македонските граѓани „датум“ за влез во ЕУ. Скоро и да нема прилика камерите да се вклучени, а тој да не каже дека зачленувањето во ЕУ на Македонија и е близу – во 2030 година.

-Сите засегнати страни ќе ја исполниме заложбата да бидеме подготвени за полноправно членство во Унијата до 2030 година, порача Маричиќ и завчера.

Неколку дена претходно тој исто така истакна:

–Сметам дека 2030 година како датум е добро поставен и треба да биде мотив кој ќе не води низ процесот и во зададениот рок успешно да го завршиме процесот на преговори.

Тој упорно слични изјави-ветувања даваше и во други прилики.

Реален ли е дадениот „датум“ кој му стана мантра и нему и на други македонски, но и западни политичари? Се сеќаваат ли сите тие дека порано имаше и други такви „датуми“ кои непрестано се повторуваа? Тие датуми одамна поминаа на реалниот календар, a Maкедонија…

Инаку, преговарачкиот пат кон ЕУ на Србија, Црна Гора, Турција… не е баш така брз, напротив. А се повидливо е дека и ЕУ кочи во проширувањето (освен што европкомесатите како по навика кажуваат дека Брисел за прием на нови членки) барајќи прво дома да си се реформираат, кризата да ја пребродат…

Да споменуваме ли и дека оптимизмот на Маричиќ треба барем да се поткрепи со домашни реформи, кои Македонија ги гледа само на хартија и во добрите намери од прес конференциите на власта?

Едноставно, вицепремиерот мора да знае дека за да се биде успешен не е доволно само да се биде упорен, треба и многу други карактеристики, доблести, знаења, работења…

Претходна вестБугарски „голф“ усмрти пешак кај преминот Ново Село
Следна вестАвтобусите на „Макекспрес“ и денеска не сообраќаат поради неисплатен долг од ЈСП