Едно лице загина во сообраќајна незгода што се случила синоќа на магистралниот пат Струмица-Граничен премин Ново Село на македонско-бугарската граница, соопшти полицијата.
МВР информира дека незгодата се случила во селото Ново Коњарево.
-Вчера околу 17 часот се случи тешка сообраќајна несреќа во која загина 72 годишен жител на селото Ново Коњарево, откако во него удрил автомобил „фолксфаген голф” со бугарски регистарски таблички управуван од државјанин на Бугарија. Несреќата се случила на магистралниот пат Струмица-Граничен премин Ново Село на македонско-бугарската граница, на делницата што поминува низ селото Ново Коњарево, на неколку стотина метри до преминот, се наведува во соопштението.
Според информациите од СВР Струмица прегазениот човек починал на местото на несреќата, а смртта ја констатирал лекар.
Увид извршиле јавен обвинител и екипа на СВР Струмица, а поради сообраќајната несреќа овој патен правец синоќа беше затворен повеќе од три часа.





